Угостителите бараат протоколи за работа и итно донесување на петтиот пакет мерки за помош

Угостителите бараат протоколи за работа и итно донесување на петтиот пакет мерки за помош

Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) бара финансиската помош за поддршка на реалниот сектор да има континуитет и да се обезбедат протоколи за работа за сите дејности дефинирани во Националната класификација на дејности, како и што побрзо донесување на петтиот пакет мерки од Владата заради спас и опстанок на туристичко – угостителскиот сектор.

Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК
Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК

„Неопходен е континуитетот на економските мерки со цел задржување на работните места и на деловните субјекти. Со изминување на месец јануари, а во недосиг на петтиот пакет мерки, повторно се доведуваме во состојба да бидеме оставени без финансиска поддршка. Но, овој пат секторот се наоѓа во многу потешка состојба поради што многу угостители ќе мора да ги затворат своите објекти, а напоменуваме дека тоа ќе се одрази штетно и на околу 30.000 вработени во овој сектор“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК, и упати апел петтиот пакет на економски мерки да се донесе во најкус можен рок и да се направи обид мерките да се ефектуираат од месец јануари.

Од ТУК нагласуваат дека од 6.500 правни субјекти во угостителскиот сектор само 132 добија досега комбинирана помош за плати и неповратна финансиска помош во форма на грант за други трошоци. Дел добија помош само за исплата на плати, додека за другите трошоци во услови на значително намалена деловна активност самостојно обезбедуваа средства 11 месеци.

„Иако речиси една година е пандемија, ние сѐ уште немаме протоколи за најголем број од дејностите. Во таа група се и рестораните за прослави и клубовите кои се затворени повеќе од 300 денови. Поради ова не може да се прават планови и проекции за наредниот период и станува прашање на недели кога ќе почнат да згаснуваат угостителски објекти поради наталожените долгови, а со тоа ќе се зголемува и бројот на оние кои ќе останат без егзистенција“, изјави Ангеловски.

Тој истакна и дека ТУК активно ги следи и глобалните случувања во секторот и ја охрабрува Владата за поголема ажурност и свесност за проблемите во кои се наоѓа овој сектор. Во спротивно, ако проблемите не се решат заеднички, соодветно и навремено, последиците ќе бидат долгорочни и ќе погодат голем број на граѓани.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Според анализите се очекува отворањето на супермаркетите „Конад“ да придонесе во отворање на нови работни …