Пишува: Зоран Милошески

Втора година по ред, младите ракометари на РК „Прилеп“ учествуваа на фајнал форот во кадетска конкуренција и втор пат играа ви финалето. Минатата година играјќи на домашен терен станаа државни прваци, а годинава од финалниот турнир на четирите најдобри кадетски ракометни екипи кој се одржа во Струга, екипата на РК „Прилеп“ се врати со вицешампионската титула.

Откако во полуфиналето прилепските ракометари го победија битолски „Еурофарм Работник“ со 33:27, во борбата за првото место, РК „Прилеп“ загуби од домаќинот, екипата на Ракометната школа на Кире Лазаров „КЛ-7“, со резултат 39:32. Третото место на фајнал форот му припадна на скопски „Вардар“, а четвртото на „Еурофарм Работник“ од Битола. Со покажаната игра и квалитет во двата натпревара, кадетите на РК „Прилеп“ уште еднаш ја уверија спортската јавност дека Прилеп останува расадник на ракометни таленти.

И покрај поразот во финалниот натпревар, за кадетската екипа на РК „Прилеп“ сезоната 2018/2019 беше исклучително успешна. Покрај доминацијата во Ракометната кадетска лига мажи – Група 2, каде во 16 натпревари забележаа исто толку победи, не треба да се заборави дека на прилепскиот клуб во грб му гледаат екипи од рангот на „Вардар“, „Еурофарм Работник“, „Металург“, „Струга“, „Пелистер“ и сл.

Истовремено, мора да се истакне дека кадетската екипа на РК „Прилеп“, во речиси ист состав настапуваше и во Младинската лига, а поради актуелната состојба со сениорската екипа, повеќемина играчи од кадетската екипа настапуваа и во Суперлигата. Сето тоа доведе до замор кај младите прилепски ракометари, што беше една од причините за падот на играта во второто полувреме од финалниот натпревар на фајнал форот во Струга.

Она што, исто така треба да се потенцира и што воедно е апел до Ракометната федерација, е дека треба да се размислува за измена во начинот на организирање на финалните натпревари во младинските лиги, како во машка, така и во женска конкуренција.

Имено, одигрувањето на 2 натпревара за само 7-8 часови во текот на еден ден, е преголем напор за младите ракометари и ракометарки. Со оглед на тоа што на завршните турнири играат екипи со приближен квалитет, одигрувањето на 120 минути за само неколку часови е преголем физички напор за играчите. Оттаму, неопходно е веќе од следната сезона Ракометната федерација да воведе нов систем на одигрување на фајнал форот во сите конкуренции, со што наместо досегашниот еден ден, турнирот би траел два дена. Првиот ден би се одиграле двата полуфинални натпревара, а вториот ден на програмата би биле натпреварите за третото и првото место. Сето тоа е во интерес и на ракометот, но пред сѐ во интерес на здравјето на младите спортисти.

Заради сето она што го прикажаа во ракометната сезона 2018/2019, играчите на кадетската екипа на тренерот Адријано Котевски, заслужуваат признание и честитки. Боите на оваа екипа во штотуку завршената сезона ги бранеа: Никола Стојкоски, Бојан Вренцоски, Владимир Трајкоски, Андреј Рајатоски, Хари Павлов, Божидар Илиески, Филип Крстески, Бојан Белчески, Иван Ангелески, Филип Апостолоски, Синиша Павлов, Симеон Милошески, Андреј Ѓероски, Илчо Ивчески, Давид Алексоски, Андреј Јосески, Алек Чупетрески, Михаил Свртинов, Андреј Талески, Евгениј Темелкоски, Стефан Трајкоски, Филип Адамчески, Дино Андреески, Тони Петрески и Дамјан Мурѓески.

И конечно, кога е во прашање иднината на прилепскиот ракомет, повеќе е од јасно дека во генерациите кои доаѓаат постои огромен потенцијал, кој треба и мора да биде канализиран. Неопходно е седнување на заедничка маса на сите фактори во градот кои се заинтересирани и кои можат да дадат личен придонес, како во организациски, така и во логистички и стручен аспект. Само на тој начин, ракометот во градот под Марковите Кули може да се врати на старите патеки.