Во членот чија уставност ќе се преиспитува, пишува: „За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом“
Постапувајќи по иницијативата на Лука Павиќевиќ од Скопје, Уставниот суд одлучи да се поведе постапка за оценување на уставноста на членот 41-а став 1 во делот „јавно” од Законот за средното образование, кој се однесува на бесплатниот превоз на средношколците, информираат од судот.
Во овој член пишува: „За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом.“
„Исто така, по сопствена иницијатива, судот одлучи да се поведе постапка и за оценување на уставноста на став 3 во делот „јавното“ од истиот член. Причината за постоење основано сомнение во уставноста на овие делови од одредбите од Законот за средното образование, е што според Судот, со истите се повредува уставниот принцип на еднаквост, на начин што се воспоставува различен третман за учениците во јавните, во однос на учениците во приватните средни училишта при користењето на бесплатен превоз до училиштето, односно се предвидува ова право да го користат само редовните ученици во јавните средни училишта“, наведено е во соопштението од Уставен суд.
Од таму додаваат дека судот одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 41-а став 2 од Законот за средното образование. Во овој член, пак, пишува дека „ученикот од ставот (1) на овој член има право на бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку 2,5 километри од средното училиште во кое ученикот е запишан и ја посетува наставата и ако избраната струка и профил не е застапена во општината во која ученикот живее“.
Инаку во март годинава, Сојузот на средношколци достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование до Собранието, со кој бара сите ученици кои се запишани во јавните и приватните средни училишта, да можат да се возат бесплатно во јавниот превоз.
„Во државата има 71.000 средношколци. Од нив, 2.000 учат во приватните училишта. Ние бараме бесплатен превоз и за оние ученици кои живеат на помалку од 2,5 километри од училиштето, а немаат право на бесплатен превоз. Превоз на учениците им треба и кога одат во летните месеци на феријална практика. И учениците со попреченост, односно учениците со посебни образовни потреби, го немаат ова право“, рече на прес-конференција претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ.
Извор: МЕТА