Театарот му се врати на градот Прилеп во 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе започне утревечер во 20.30 часот на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“. По подолго време, прилепската публика ќе ја има можноста во поголем број да присуствува на свечената церемонија на отворено. На гостите ќе им се обрати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, како и уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска. Ќе им бидат врачени и наградите за животно дело на актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски, за што фестивалот подготви видеоесеи.
Претходно во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле, а прва претстава што ќе биде изведена од официјалната програма е „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски, а продукција на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, во 21.30 часот во Центарот за култура.
Богата програма сместена во неколку содржински целини ќе понуди фестивалот годинава, кој ќе трае до 16 јуни. Програмата на фестивалот ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. На пладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден. Ќе следуваат промоции на книги, меѓународна конференција, а ќе биде отворена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.
Во официјалната програма на фестивалот учествуваат 10 претстави, во програмата „Независна продукција што игра домашни автори“ ќе учествуваат пет претстави, а со дипломски претстави ќе ги видиме и студентите од Факултетот за драмски уметности.
Годинава Собранието на фестивалот, по предлог на претседателката Стојаноска, одлучи жири-комисијата што ќе одлучува за наградите да биде целосно странско. Членови на жирито ќе бидат Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стеријино позорје“, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“ и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора.
Секој ден од 17 часот на неколку локации низ градот ќе бидат поставени фестивалски зони во кои членови на групата „Театроск“ ќе постават свои живи статуи, додека студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе бидат скомрах и ќе презентираат кратки патувачки етиди. Оваа програма е поддржана од „Пакомак“, а е дел од нашата заложба за екофестивал.
На 13 јуни ќе се одржи и меѓународна конференција на тема „Македонскиот театар низ визурата на македонската јавност“.
Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.
Покровители на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп.