(Видео) Ковачевски: Нови 14 возила со пумпи за гасење пожари за општините, за унапредена ефикасност на системот за цивилна заштита

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски заедно со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска присуствуваа на настанот „Цивилна заштита помеѓу институциите и граѓаните“ во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

На настанот, на кој присуствуваше и директорот на ДЗС, Беким Максути беше извршена церемонија на предавање на возила со пумпи за гасење на пожар на 14 општини и беа одржани показни вежби за активностите за помош и поддршка од доброволни противпожарни друштва, компании и Црвениот крст.

Премиерот Ковачевски на настанот истакна дека една од примарните задачи на еден институционално уреден систем е да создаде и да уреди квалитетен и ефикасен систем за цивилна заштита, кој ќе опфати превенција, делување и санирање на последиците од природните непогоди и другите несреќи, со единствена цел, заштита на животот, здравјето, имотот на населението, како и националната економија.

„Во современото време, зголемениот број на секојдневни непредвидени ситуации, несреќи од различен вид и природни и вештачки катастрофи, како и техничката сложеност за нивно отстранување, нѐ научија дека е потребно да создадеме и да развиваме заеднички и комплексен пристап на сите институции со цел донесување на брзи и ефикасни решенија“, рече Ковачевски и потенцираше дека во таа насока е и обезбедувањето на овие 14 возила со пумпи за гасење пожар, чија што вкупна вредност е 42,5 милиони денари, со кои се подобрува техничката опременост за противпожарни интервенции.

Премиерот рече дека вложувањето во вакви ресурси е важно за заштита на безбедноста на граѓаните, но и на природното богатство и материјалните добра.

Затоа Владата останува посветена на обезбедување услови за ефикасно делување и интервенирање на противпожарната служба но и останатите чинители во цивилната заштита и што овие инвестиции се спроведуваат превентивно.

Ковачевски изрази огромна почит кон припадниците на пожарникарските единици, кои несебично го жртвуваат својот живот, за да спасат туѓи животи во разни непредвидени ситуации, истакнувајќи дека  пожарникарите имаат работа од стручен, но и хуманитарен карактер. Тие се секогаш тука, подготвени безрезервно, брзо и ефикасно да се справат со сите предизвици поставени пред нив.

„Изразувам голема благодарност до нашите херои-пожарникарите, но и до медицинските лица и припадниците на Црвениот крст, но и граѓаните, кои доброволно се вклучуваат во пружањето помош за намалување на последиците од какви било несреќи“, рече Ковачевски.

Премиерот рече дека цивилната заштита е еден од столбовите на кој се планираат сите останати мерки и активности за заштита и ублажување на последиците од природните непогоди и катастрофи. Еден од овие приоритети е постојаната меѓусебна комуникација и соработка која ја имаат Владата, ресорните министерства и државните институции, единиците на локална самоуправа, локалните институции, како и со Црвениот крст и сите граѓани, при спроведувањето на активности за цивилна заштита во мирнодопски, но и во кризни состојби.

Прочитајте повеќе

Судски совет

Весна Дамева е новата претседателка на Судскиот совет

За нова претседателка на Судскиот совет е избрана Весна Дамева со 10 гласа „за“ и …