Владата донесе заклучоци за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во основните и средните училишта

Владата донесе заклучоци за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во основните и средните училишта

Владата на денешната седница ја разгледа Информацијата за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, подготвена од Министерството за образование и наука.

Во оваа насока, донесени се повеќе заклучоци во делот на превентивата и безбедноста во училиштата и на учениците.

Владата укажува и препорачува на сите основни и средни училишта преку општините/Град Скопје, да формираат стручни тимови на ниво на секоја од општините/Град Скопје, во соработка со стручните служби на Меѓуопштинските центри за социјална работа. Фокус на работа на овие тимови е предвидено да бидат разговори – поединечно со секое дете/ученик во училиштето.

Владата укажува и препорачува на сите основни и средни училишта во Република Северна Македонија да одржат состаноци со сите родители на тема подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во основните и средните училишта во Република Северна Македонија.

Препораката на Владата се однесува посебно на задолжување на директорите на основните и на средните училишта, да организираат состаноци на училишните одбри и на советите на родители, како и родителски средби.

На овие состаноци е предвидено да се разговара за взаемните одговорности околу превентивните мерки за заштита на учениците во училиштата, со посочувања на одредбите од Законот за семејство и од Кривичниот закон, во функција на безбедноста на учениците.

Владата им укажува и препорачува на општините/Град Скопје, да ги задолжат директорите на основните и средни училишта, да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците, за време на часовите и во просториите на училиштата. Се посочува дека користењето мобилни телефони во училниците е потребно да се ограничи, со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење.

Владата на Република Северна Македонија им укажува и препорачува на општините/Град Скопје, во координација со училиштата да ги следат следните препораки:

  • во кризни ситуации коишто влијаат врз добросостојбата и менталното здравје на учениците, од исклучителна важност е училиштето да остане безбедно место во кое што тие ќе најдат разбирање, одговори и поддршка за да ги надминат предизвиците, да ги унапредат своите социо-емоционални компетенции и да ја зајакнат психолошката отпорност;
  • стручните соработници и целиот наставен кадар, се исто така засегнати од ваквите ситуации, поради што е потребна подготовка на оваа тема на сите нивоа во училиштето, за да може да се обезбеди адекватна поддршка на учениците и нивните родители;
  • приоритетна цел на разговорите во училиште треба да биде смирување на несигурноста и чувството на безбедност во училиштето и нивно адресирање на афирмативен начин.

Владата им укажува и препорачува на општините/Град Скопје да ги задолжи директорите на училиштата да обезбедат континуирано непречени услови, стручните соработници да се фокусираат на училишната клима, грижата за менталното здравје и добросостојбата на учениците, како и општините/Град Скопје да ги задолжат директорите на училиштата да обезбедат просторни услови за стручните соработници.

Целта е целосна отвореност кон учениците и доколку имаат потреба, закажување тет – а – тет средба, со својот училиштен психолог.

Меѓу владините заклучоци, предвидено е и Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на  образованието да изготват листа на ресурси за коишто ќе се дискутира на одделенски/класен час, меѓу класните раководители и децата/учениците, за унапредување на добросостојбата на учениците.

Ова се однесува на прирачници за животни вештини, околу Програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини и слично.

Владата на Република Северна Македонија, при тоа им укажува и препорачува на општините/Град Скопје, согласно законската легислатива во рамки на новата Годишна програма за работа на училиштата, да се развијат и дополнително да се зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите односно старателите и други активности, согласно приоритетите на училиштето за негување безбедна клима за учење и развивање.

Заклучено е и Министерството за образование и наука да формира работна група, составена од стручни соработници во основните и средните училишта, ученици -претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, чијашто задача ќе биде креирање протокол за советодавна работа, при обезбедување поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците во основните и средни училишта.

Прочитајте повеќе

ИН МЕМОРИАМ: Почина Јове Магдески, прилепскиот фудбалски велемајстор

ИН МЕМОРИАМ: Почина Јове Магдески, прилепскиот фудбалски велемајстор

Синоќа во Прилеп на 71-годишна возраст почина Јове Магдески, мајстор на фудбалската игра и еден …