Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација Сибил Сутер Техада, амбасадорот на Република Грција, Димитрис Јанакакис, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, денеска се обратија на настан посветен на пуштање во употреба на пречистителна станица за отпадни води во Гевгелија.
Премиерот Заев заедно со амбасадорите, заменикот министер и градоначалниците направија обиколка на петтата пречистителната станица за отпадни води пуштена во употреба во Република Македонија, оваа година.
Пречистителната станица во Гевгелија, со капацитет да прочистува отпадни води во населени места со 30.000 жители, ги задоволува потребите на овој регион и е исклучително важна за заштита на животната средина и за подобрување на квалитетот на водите, како и за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните.
„Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува над 10 милиони евра, од кои 6,7 милиони евра се обезбедени од швајцарската Влада за проектирање и изградба на пречистителната станица по најсовремени европски стандарди, 1,8 милиони евра, од Владата на Република Грција за изградба на административна зграда, линија за мил и за други градежни работи и нешто повеќе од еден милион евра од Владата на РМ и општина Гевгелија за изградба на колектор, пристапен пат и систем за заштита од поплави”, информираше премиерот Заев.
Тој, посебно се осврна на фактот што квалитетот на водата на реката Вардар низводно од Гевгелија ќе се подобри, бидејќи во него нема повеќе да се одлеваат отпадните води од општината со што се исполнуваат барањата од Рамковната директива за води кои се однесуваат на отпадните и меѓународните речни сливови.
Премиерот Заев посакувајќи успешна работа и управување со пречистителната станица упати благодарност до владите и до граѓаните на Швајцарија и Грција за финансиската поддршка и експертизата со која се овозможи реализација на овој проект.
Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада обраќајки им се на присутните, подвлече дека проектот потврдува дека две соседни земји, Македонија и Грција, можат да соработуваат и да придонесат за подобра состојба на животната средина и подобри животни услови за нивните граѓани, со што ја доближува Македонија до европската заедница и помага во исполнувањето на барањата на европските директиви за вода.
Грчкиот амбасадор во Македонија Јанакакис се осврна на важноста на проектот, потенцирајќи дека со изградбата на квалитетната постојка се подобрува квалитетот на водата на реката Вардар и се овозможува одржување на придобивките кои се однесуваат на подобрување на здравјето на луѓето, и на животната средина. Тој подвлече дека овој проект е одличен индикатор како меѓусебната соработка може да биде од корист за двете земји.
Градоначалникот Поцков, истакна дека со реализираните грантови од европските фондови, Гевгелија и останатите соседни општини ги следат вредностите на ЕУ, со цел остварување на евроатлантските интеграции на Македонија, и подвлече дека Гевгелија е европски определена и создава услови за користење на бенефитите на ЕУ, давајќи ѝ шанси на иднината.