Во земјата на “унисекс“ експертите

Во земјата на “унисекс“ експертите

Пишува: Зоран Милошески

Тој: Ало, се слушаме?

Јас: Да, се слушаме, повелете.

Тој: Во програма сум?

Јас: Да, во програма сте.

Тој: Добровечер, поздрав до емисијата(!).

Јас: Добровечер, повелете, имате да кажете нешто во врска со темата?

Тој: Имам, ама сега се вклучувам, можи да ми кажите која е темата?

Јас: Се разбира, темата е… (таа и таа…)

Тој: Е па види сега вака… ( и почнува “стручното“ елаборирање…)

Посочениот автентичен пример од времето на моето битисување во ноќните програми на електронските медиуми, во некогашното прилепско радио со душа и интегритет, „Соник“, е слика и прилика на денешното секојдневие. Она што тогаш беше исклучок и “привилегија“ на поединци, денес стана правило: електронските медиуми и порталите се окупирани и узурпирани од страна на мала група “универзални генијалци“, кои секојдневно, од сите можни фреквенции, ги бомбардираат нашите сетила сеејќи незнаење, простотилак и омраза.

Со своите шупливи и малоумни “километарски“ беседи, разни Талевци и Пандовци ја загадија медиумската сфера до степен на создавање одбивност да се биде (ин)директен (со)учесник во било каква јавна дебата, во која постои макар и минимална можност, во било која форма, учество да земат репрезенти на споменатите прототипи на шалабајзери. Првите, Талевци, како слушатели и гледачи. Вторите, Пандовци, како директни учесници во медиумските дебати.

Која е разликата меѓу едните и другите? На прв поглед и нема некоја разлика… освен што првите, со манијакалното  вртење на телефонските броеви на редакциите, сами го обезбедуваат своето присуство во етерот, а гласот на другите во (в)етер стигнува по полесниот пат – како официјално поканети собеседници од страна на уредниците на медиумите. Во секоја друга споредба, двете категории имаат иста “специфична тежина“: индоктринирани, фрустрирани и самонабедени тиквари, кои себеси се доживуваат како единствени и безалтернативни спасители на “библискиот народ“.

Во целото мое животно и професионално искуство, во милата ни татковина не сум сретнал човек кој не разбира во фудбал, политика, бизнис, историја… Ние, едноставно, знаеме сѐ. Нас за сѐ нѐ бива. А тој што го бива за сѐ, по правило, за ништо не го бива! Категоријата “универзални генијалци“ вирее единствено кај нас и никаде на друго место. Така било, така е, и тешко дека уште за долго на ова парче земја нешто по тоа прашање ќе се смени.

Со годините и новото време, “универзалните генијалци“ еволуираа во “универзални експерти“. Сѐ друго остана исто. Поразително е што ниедна институција, ниту пак јавноста, не се занимава со штетата која ја предизвикуваат контактните емисии во кои гледачите, обично едни те исти, шират невистини, злоба, омраза, меѓупартиска и меѓуетничка нетрпеливост, подгреваат тензии, национализам, шовинизам… И сето тоа поминува левтерно, без никому око да му трепни, без никој да се запраша за долгорочните последици кои зад себе ги оставаат сејачите на семето на злото.

Нешто слично се случува во дебатните емисии, во кои “независни унисекс експерти“ од петни жили се трудат да ги оправдаат ставовите на различни политички субјекти. Онака, “независно“ и “експертски“… во зависност од тоа од чие чекмеџе се финансирани.

Притоа, во “одбрана и заштита“ на ликот и делото на партискиот фаворит, без исклучок, се ангажираат истите фаци од “експертската партиска листа“, составена од десетина ликови. Препознатливи до таа мера, што предизвикуваат одбивност и гадење кај објективниот телевизиски аудиториум. Што се однесува до темите на дебата, тие се неважни: било тоа да е внатрешната или надворешна политика, безбедноста, правото, здравството, образованието, размножувањето на жолтите мрави… сѐ едно.

Оти “унисекс“ експертите се спремни во текот на една емисија белото да го претстават за црно, самите себеси да си реплицираат, да се демантираат, па дури и да се прогласат за некомпетентни. Сето тоа во зависност од желбата и потребата на нарачателот, односно дебелината на хонорарот, зделката или тендерот.

Некој ги спомна Пандов, Божиновски, Ванковска, Никовски, или …?

Прочитајте повеќе

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Двајца членови на избирачки одбор од Охрид, предложени од една политичка партија имале фотографии од …