Заев и Борисов: Продолжуваме да градиме пријателство, заедничка европска иднина, ќе ги решиме сите прашања, им го должиме тоа на идните генерации

Заев и Борисов: Продолжуваме да градиме пријателство, заедничка европска иднина, ќе ги решиме сите прашања, им го должиме тоа на идните генерации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и неговиот бугарски колега, премиерот Бојко Борисов, кој денеска е во официјална посета на нашата земја, одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа дека на нивната средба разговараа за заедничките постигнувања, за тековните проекти кои ги поврзуваат двата народа и за заедничката европска иднина.

Премиерот Заев изрази задоволство од денешната посета на неговиот бугарски колега, која, како што подвлече, е токму на двегодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со пријателска Република Бугарија.

„Европа го препозна нашиот заеднички ентузијазам со кој на Балканот му даваме нов лик. Затоа, земјите носители на Берлинскиот процес, одлучија дека наредната година Бугарија заедно со Северна Македонија ќе бидат ко-претседавачи на процесот и ко-домаќини на Самитот во јули 2020 година“, рече премиерот Заев додавајќи дека идната година тој, заедно со премиерот Борисов заеднички во Софија и Скопје ќе ги пречекаат сите премиери од Берлинскиот процес и ќе разговараат за новите европски идеи за иднината.

Премиерот Заев оцени дека поврзувањето и градењето на добрососедските односи и покажувањето зрелост за повисоко ниво на соработка се ефекти кои ги чувствуваат сите граѓани на нашите две земји, во поглед на зголемувањето на бизнис релациите, што покажува и растот на трговската размена со Бугарија од 12.8% проценти во 2018 година, споредено со претходната година и влезените инвестиции од Бугарија во нашата земја, во вредност од повеќе од 35 милиони евра.

„Уметниците и културните работници создадоа нови платформи за креативни поврзувања меѓу Македонците, Бугарите и сите други граѓани кои живеат во нашите две земји. Не е само фестивалот „Една љубов“ или „One love“. Да ги спомнеме сите кои што го прават мостот на поврзувањето, а тоа се и Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов, кои се музички олицетворенија на духот на Договорот, но и театарските претстави во двете земји, поетските вечери, соработките меѓу министерствата во областа на здравството, одбраната, внатрешните работи итн.“, рече премиерот Заев.

Истовремено, премиерот Заев истакна дека заедно со Бугарија, нашата земја продолжува посветено и без предрасуди да работи на согледување и утврдување на сите историски точки и личности  кои не поврзуваат, покажувајќи му на Балканот и на Европа и светот, дека нашите предизвици можеме да ги решаваме преку разговори, почитување и трпеливост, без посредници.

„Денеска заклучивме, да ги охрабруваме двете комисии, од двете страни да продолжат во решавањето и на следните прашања: Решивме веќе четири историски личности, коишто заеднички ги чествуваме. И, верувам дека ќе се најде решение и за историската личност, херојот Гоце Делчев“, посочи премиерот Заев, оценувајќи дека  Делчев  ги поврзува двата народи и затоа и во двете земји продолжуваме да му оддаваме почит, преку јазикот на заемното разбирање, подвлекувајќи дека токму визијата на Гоце Делчев станува мост кој поврзува во заедничките напори за обединета Европа.

Премиерот Борисов, истакна дека последните две години, по потпишувањето на Договорот за добрососедство, трите држави, Бугарија, заедно со Грција и Северна Македонија, направија огромни напори за обезбедување перспектива на државата за остварување на патот до Европа.

Тој додаде дека заедничкото претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес покажува дека Европската Унија ги препозна напорите и ги цени храбрите политичари во регионот на Западен Балкан и нивните одлуки за просперитет во регионот.

„Се надевам историчарите, не само што нема да попречуваат туку и ќе вложат големи напори за да го најдат правилното толкување на историјата што не обединува како што денеска господинот Заев рече, заедно да може да се поклониме на нивните гробови“, рече премиерот Борисов, кој подвлече дека со него се членовите на Комисијата која работи на Договорот за добрососедство и дека секојдневно се активни и разговараат за сите херои кои го дале својот живот, се жртвувале за да може заеднички да просперираме.

Претседателот на Владата на Република Бугарија исто така ја истакна добрата соработка со Северна Македонија во однос на инфраструктурните проекти, Коридорот 8.

На новинарско прашање дали може да се случи Бугарија да ја попречува интеграцијата на Северна Македонија, премиерот Борисов беше дециден дека не сака ни да помисли на такво нешто.

Делегациите на двете влади, на Република Северна Македонија и Република Бугарија, одржаа и билатерална средба, на која разговараа за напредокот на соработката на билатерален и мултилатерален план.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој ја предводи Владината делегација, претходно беше пречекан од премиерот Зоран Заев и владините министри со највисоки државни и воени почести, по што следуваше тет-а-тет средба на двајцата претседатели на влади.

Во рамки на посетата на бугарската Владина делегација, која ја предводи премиерот Борисов е предвидено и заедничко оддавање почит и положување венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, средба со претседателот на државата Стево Пендаровски и положување цвеќе на возобновениот споменик на полковникот Константин Каварналиев во Дојран.

Прочитајте повеќе

ЦИВИЛ бара да се сопре насилството и национализмот: Кој даде „амин за јуриш“?

ЦИВИЛ бара да се сопре насилството и национализмот: Кој даде „амин за јуриш“?

ЦИВИЛ најостро ги осудува ширењето на етничката омраза и повиците на насилство кои навивачките групи …