Дефинитивно не прифаќам одложување на пописот за во 2021 година, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за најавените средби со опозицијата неделава на кои ќе се разговара за Законот за попис.
Тој нагласи дека и кај нас ќе се применуваат, како и секаде во светот, стандардите на Статистичката служба на Европската унија „Евростат“.
– Дефинитивно ќе има попис идната година. Ако се одржеше попис во 2011 година можеби и ќе имаше основа пописот да се одложи за 2021 година, но не се одржа. Нема одложување на пописот – рече Заев.
Премиерот нагласи дека домаќинство кое влегува во попис е секое што живее тука или се отселило од државта не подолго од една година.Секој што повеќе од една година е надвор од државата се попишува, но не влегува во домаќинства, а ќе биде попишан како дијаспора, како семејство или граѓанин кој живее надвор од државата.
Заев додаде дека во последните две години ги добиваат податоците од МВР и се знае во секој момент кој граѓанин е повеќе од две години надвор од државата.
-Јасни се работите, само треба да се седне и да се даде позитивен пас затоа што предпописот како пилот-проект помина успешно. Сега се очекува самиот закон да помине во Собранието за да може да се набават компјутерите. Теренското попишување ќе биде од 1 април до 30 април следната година- додаде Заев.
Посочи дека од она што го знае како информација од директорот на Државниот завод за статистика, нема суштествени забелешки од опозицијата.
Предлог-законот за попис на населението денеска беше на комисиска расправа во Собранието, но дебатата во рамки на Комисијата за европски прашања беше прекината.
Извор: МЕТА