високи температури

Западна Европа погодена од високи температури и пожари, многу топло и во Македонија од четврток

Нов топлотен бран ги погоди земјите од Западна Европа деновиве, којшто предизвика суша и шумски пожари во Шпанија и Португалија, како и високи температури во Обединетото Кралство и Франција, јавува Би-би-си.

Во Франција се откажани огнометите кои традиционално се одржуваат во градовите низ целата земја по повод 14 јули – Националниот ден на Франција. Француските власти очекуваат продолжен топлотен бран којшто ќе трае меѓу 8 и 10 дена, а максималните температури ќе се искачат и до 39 целзиусови степени на југозападот.

Во Шпанија е на сила црвен метео аларм за северозападниот дел на земјата, поради очекувањата живата во термометарот во Галиција да се искачи до 42 Целзиусови степени. Температурите од околу 40 степени се вообичаени за централните и за јужните делови на Шпанија, но северот на земјата не се соочува во силни топлотни бранови. Најтопло се очекува да биде во југозападните делови на Шпанија, каде температурите ќе се искачат до 47 целзиусови степени.

Топлотниот бран во Шпанија се очекува да биде од продолжен карактер, ќе трае за време на викендот, но и во текот на наредната недела. Стравувањата на шпанските власти се дека повторно ќе дојде до големи шумски пожари, коишто веќе се појавија на територијата на Португалија.

Според хидрометеоролошкиот институт на Португалија, дури 80 отсто од копнената територија на земјата сега се наоѓа под исклучителен ризик од појава на пожари поради високите температури. Речиси 850 пожарникари се борат со 30-тина пожари низ Португалија, а властите се подготвени да мобилизираат припадници на полицијата и другите служби за справување со пожарите.

Неколку илјади хектари шума веќе изгореа во пожарите во Португалија во изминативе денови, но прогнозата на хидрометеоролозите вели дека температурите ќе достигнат до 47 целзиусови степени во текот на наредните денови, што би можело да влијае на појавување на нови пожари.

Инаку, и во Македонија по врнежливиот период и релативно ладното време што ја зафати земјава изминативе денови, во следниот период доаѓа период на високи температури. Од четврток, температурите на воздухот ќе пораснат во земјава, а за времето на викендот максималните температури ќе достигнат до 38 целзиусови степени во јужните делови. Врнежи од дожд се можни единствено во недела на југот.

Инаку, Би-би-си пишува дека топлотните бранови низ светот со текот на времето стануваа сè подолги, поинтензивни и почести поради климатските промени предизвикан од порастот на просечните температури на воздухот на глобално ниво.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

тенк тенкови

Израелски воздушни напади врз Сирија, Израел негира дека тенковите одат кон Дамаск

Израелските одбранбени сили за Би-би-си негирале дека нивни војници залутале на сириска територија и велат …