Жестоки борби се водат во фабриката Азовстал во Мариупол

Жестоки борби се водат во фабриката Азовстал во Мариупол

Руските сили влегоа во фабриката Азовстал во Мариупол и водат жестоки битки за заземање на најголемата челичарница во Европа, јавува Би-би-си. Ваквиот потег доаѓа во момент кога украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Обединетите нации да асистираат во спасување на повредените лица кои се наоѓаат внатре.

Укринформ ги пренесува информациите на украинските војници кои ја бранат Азовстал, потенцирајќи дека во изминативе два дена водат директни борби со руските војници во самата челичарница. Командантот на баталјонот „Азов“ Денис Прокопенко вели дека e горд на неговите војници кои успеваат со натчовечки напори да го задржат напредувањето на непријателот.

Тој додава дека во подземните простории на челичарницата има околу 200 цивили, од кои 20 деца, заедно со околу 500 повредени лица кои се оставени без лекарска грижа.

Би-би-си пишува дека целосната контрола над Мариупол им е важна на руските сили од неколку причини: формирањето копнен коридор меѓу Крим и Донбас, спречувањето на Украина да ги извезува своите стоки преку ова пристаниште, ослободувањето дополнителни воени сили што ќе се упатат на другите фронтални линии и за пропагандни цели.

Украинските воени сили тврдат дека изминатово деноноќие ослободиле неколку населени места кои се наоѓаат на границата помеѓу регионите Миколаив и Керсон на југот на земјата. Сепак, тие додаваат дека руските сили се подготвуваат за офанзивни дејствија за напредување кон регионите Миколаив на југот и Кривиј Рих, јавува Укринформ.

Украинските власти тврдат дека најмалку 25 лица се повредени при руското бомбардирање на Краматорск во регионот Донецк. И покрај офанзивните дејствија, руските сили не можат да ги заземат градовите Луман, Северодонецк и Попасна во Луганската област, јавува Укринформ.

На украинско-молдавската граница, во отцепената област Транснистрија, Украина тврди дека руските сили се обидуваат да провоцираат тензии преку регрупирање на нивните сили во овој регион и подобрување на нивните тактички позиции.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …