Златко Лашко беше редок чоек!

Пишува: Зоран Милошески

На денешен ден пред една година не’ напушти Златко Лашкоски. Потсетувајќи се на тажниот датум, неговата сопруга Гордана денеска го оствари она коешто го вети: постхумна промоција на книга со 49 негови песни, насловена како „Мојот пат низ песна“.

Краток, прекраток беше неговиот пат. Оти Лашко беше редок чоек. А таквите, ретките, заслужуваат многу подолго да го чекорат векот.

Со Лашко, или Лакио како шо го викавме, бевме различни во многу нешта. Имавме различни видувања на политиката – едниот десно, другиот лево ориентиран, тој за „Партизан“, јас за „Звезда“… Ама различностите беа дополнителен повод за разговор и дебата. Секогаш не’ зближуваа, никогаш не не’ отуѓуваа.

А животот, пак, го пишува својот роман и ги исцртува своите патеки без да бара дозвола од нас. Така, тој ни предодредил со Лакио да растиме во исто маало, во студентските денови да бидиме цимери, прво во една од зградите кај „Симпо“, па после и во бараките во „Драга Стојанова“…кои повеќе ги нема. Конечно, подоцна, како фамилијарни луѓе, и двајцата да го замениме старото Варошко Маало и да се преселиме во Бончејца – во иста зграда и влез. И така се’ до последниот ден на неговиот овоземен живот.

И денес, тешко може да се сретне некој кој со таква страст, љубов, позитивна енергија и посветеност им приоѓа дури и на малите работи кои го прават животот, како што тоа го правеше Лакио. Со вродената смисла за хумор каква ретко се среќава, беше главниот аниматор на сите седенки. Знаеше да тагува и да сочувствува со туѓата несреќа и мака, исто како што умееше од срце, како дете да им се радува на работите кои го правеа среќен. Него, или нему драгите личности.

Ама ако нешто не му беше по волја, ако видеше дека некому се причинува неправда… не беше многу пријатно да се биде во негова близина. Оти, онака гласовит каков шо беше, неговата вербална реакција се слушаше нашироко и надалеку.

Се сеќава некој на финалето на фудбалскиот куп на Југославија кое го играа „Звезда“ и “„Борац“ од Бања Лука? Е јас се сеќавам. Со причина.

Натпреварот го гледавме во изнајмениот стан на скопска „Партизанска“, на едно мало телевизорче од руско производство, кое преживеа такви „елементарни непогоди“ кои за денешните ТВ апарати се незамисливи. Некаде пред крајот на натпреварот, судијата досуди непостоечки пенал за „Звезда“. Истата секунда, после „одмерен удар со десно кроше“ телевизорот се најде на земја, а гласното пцуење се’ по список и „прикладните“ зборови упатени на моја адреса „Неспособни едни, само вака можите да победите!“, се слушнаа барем до Градежен. Му реков:„Шо сум јас крив бе чоек? Не судам јас!?“, а тој мене „Ти си крив, ами кој? Дедо ми Ицко?“.

На Балашевиќ и „Васа Ладачки“, исто како и на Азра со „Ако знаш било што“, се пееше, плачеше, а богами и пиеше. Исто како и на „Леб и сол“, или на изворните македонски песни. Ако пак се пееше на увце, со гитара и хармоника, дури да го извртиме целиот репертоар… журката знаеше да потрае…

Во студентските денови, Лакио во Прилеп си одеше само за домашната слава „Свети Никола“ и за Велигден. И, евентуално уште еднаш, од непендек. Дочекот на Новата година никогаш не му беше предизвик, ниту пак ја чувствуваше како ден кој заслужува да биде посебно обележан. Кај ќе го затекни, таму. Еднаш дури и во воз, на пат за Белград.

Е, токму заради реткото одење дома, јас му бев главниот „добавувач“ на храна, чисти алишта и пари.

Жалам што не зачував ниту еден од списоците со нарачани работи кои неговите домашни требаше да ги спремат, а јас да ги однесам. Оти, не беше тоа обично пусулче со наброени 14-15 потребштини, туку еден список – цел ферман! За секоја порачка, два реда објаснување. Детално, за да не настанат било какви недоразбирања.

За да ви биде појасно: ако Лакио порачуваше, на пример, да му испратат фармерки, следуваше вакво детално дообјаснување, за кои фармерки станува збор:

„Тие тегето, шо ги купив пред 2 години од бутико кај сато, малку шо се излижани одназад и шо ги крпеше мајка ми на деснио раб, шо се отпара ко се наведнував да ги врзам чевлите“.

Појасно од ова…

И  така, секој втор петок попладне, со полупразната торбица враце бев „нацртан“ пред куќата на Лашковци. На првото ѕвонење на ѕвончето, од вториот спрат на куќата ќе се појавеше татко му.

„Стаса, Милош?“, ќе прашаше.

„Стасав, чичко Иле“, ќе му одговорев.

„Шо прај тој мојо, учи?“, беше прашањето кое неизбежно следуваше.

„Учи, учи…“, ќе речев со половина уста.

„Ааааа… не зафркавај… учи, како да не… знам јас шо прај“, ќе ме „пресечеше“ со неговата констатација на која, по правило, останував без реплика.

„Впонеделник како стално, така? Во 7 без петнајсе сабајле ќе поминиш?“, го привршувавме краткиот разговор, договарајќи ја сатницата за земање на нарачаното.

„Да, да… тогаш. Како стално“, ќе ги повторев неговите зборови.

Понеделникот, возот во Скопје стасуваше во 9 и кусур сабајлето. Лакио ме чекаше на врата. За него бев „Мики“. Ни Зоран, ни Милош, ами – Мики.

„Микиии, легендо!“, силно ќе викнеше и ќе ме гушнеше. „Ај да видиме шо спремила Гика“. А Гика, мајка му, знаеше дека во торбата можи да фали едно или друго, ама зелник – ни случајно!

„Зелник! Јессс! Алал да и’ е на Гика! Ајде сега да јадиме“, ќе речеше. Ќе ја наполнеше масата со јадење и никој шо ќе се затекнеше во собата, не смееше да речи “не“. Оти Лакио се’ делеше со луѓето. Најмногу, душата.

Неговите најсакани, Гордана и единецот Илчо, најблиските пријатели, имаа среќа да го имаат за сопруг, татко, брат другар…

Златко Лашко навистина беше редок чоек!

Вечен да ти е споменот, драг пријателе…

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …