Захарова: Соседите на Србија го затворија воздушниот простор за авионот на Лавров

Захарова: Соседите на Србија го затворија воздушниот простор за авионот на Лавров

Земјите кои граничат со Србија го затворија својот воздушен простор за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој требаше да ја посети Србија на 6 и 7 јуни, соопшти синоќа портпаролката на руското Министерството за надворешни работи Марија Захарова. „Денеска пред еден час земјите што ја опкружуваат Србија го затворија каналот за комуникација, со што беше спречен летот на Сергеј Лавров, кој имаше намера да ја посети Србија. Руската делегација требаше да пристигне во Белград на разговори. „Земјите членки на ЕУ и НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден канал за комуникација“, потврди Захарова во емисијата на италијанскиот ТВ канал Ла7, пренесуваат руските медиуми.

Претходно, неименуван руски дипломат за Интерфакс потврди дека Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затвориле воздушниот простор за авионот на Лавров. „Тие извештаи се точни“, изјави за Интерфакс висок извор од руското МНР, коментирајќи ги наводите на српските медиуми. Одговарајќи на прашањето дали поради тоа е откажана посетата на Лавров на Србија, дипломатот рече: „Нашата дипломатија сѐ уште не ја совладала способноста за телепортирање“. Од Министерството за надворешни работи во Скопје за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдија дека Северна Македонија го одбила барањето на Амбасадата на Руската Федерација за користење на воздушниот простор на земјата за летот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Барањето на руската амбасада е испратено и покрај тоа што Северна Македонија воведе воздушни санкции кон Русија на 28 февруари, по инвазијата на таа земја врз Украина, која започна на 24 февруари.

Лавров заедно со рускиот претседател Владимир Путин е на списокот со санкции против многу западни земји поради инвазијата на Украина. Единствените земји во кои можат да патуваат во Европа се Белорусија, Молдавија, Србија и Босна и Херцеговина. Лавров, како што беше најавено, денеска и утре во Белград требаше да разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ за сите теми од интерес на, како што изјави, српските пријатели. Тој изјави дека Русија е заинтересирана да ги слушне оценките на Вучиќ, како и на другите српски политичари за ситуацијата и дека „ќе биде многу интересно да се слушне како тие ја оценуваат посредничката улога на ЕУ“. Ситуацијата околу доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Белград, како што изјави вчера премиерката на Србија Ана Брнабиќ, била „исклучително комплицирана“ и оти српскиот претседател Александар Вучиќ се занимавал со логистиката на неговото патување.

„Навистина е неверојатно ситуацијата во Европа и во светот да е таква што претседателот на една земја треба да се занимава со такви работи, како што е логистиката на патувањето на министерот за надворешни работи“, рече Брнабиќ за ТВ Пинк и додаде дека имало проблеми со „прелетите“. Таа оцени дека посетата на Лавров ја става Србија во „исклучително тешка ситуација“, но дека ја докажува изјавата на претседателот Вучиќ од инаугурацијата дека „во Србија може да се читаат Шекспир и Достоевски и Хемингвеј и Гете“. Таа посочи дека во Србија можат да дојдат и министерот за надворешни работи и премиерот на која било друга земја, како и канцеларот на Германија, Олаф Шолц, чија посета на Србија е најавена неколку дена по Лавров.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …