Амбасадоре Тимоние, не ја зборувате вистината!

Амбасадоре Тимоние, не ја зборувате вистината!

Пишува: Зоран Милошески

Ваша Екселенцијо, амбасадоре Тимоние,

Убаво што се осмеливте да го прекинете молкот и што како претставник на Франција, единствената држава која беше против доделувањето датум за почеток на преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, излеговте пред македонската јавност да ги дообјасните причините поради кои Вашиот претседател застана на патот на нашите евроинтеграции.

Меѓутоа, она што не е добро, е што се обидовте да ја релативизирате, како што после минатонеделниот самит констатираа високите претставници на сите останати членки на ЕУ, неправдата која Вашата држава ѝ ја нанесе на нашата, нешто што го потврди и официјален Вашингтон.

Не знам дали Вашата изјава дека имало „уште реформи кои требало да се спроведат“ е официјален став на Париз, бидејќи на самитот во Брисел, Вашиот претседател Макрон во ниту една изјава не кажа такво нешто. Во ниту една!

И не само тоа, туку во сите свои изјави, премиерите и шефовите на држави од земјите-членки на ЕУ, потенцираа дека Северна Македонија ги испорачала СИТЕ резултати кои од неа се барале, како услов за добивање датум за почеток на преговорите. Отаму, Вашата изјава дека „одговорноста за недобивањето на датумот не лежи само во Франција, туку кај сите кои на земјава ѝ дале ветувања дека тоа ќе се случи“, ќе ми простите на искреноста, ја сметам за целосно паушална и субјективна.

Во контекст на мојата констатација е и денешната резолуција на Европскиот Парламент, со која се повикуваат земјите-членки на ЕУ на наредната средба да донесат одлука за почнување преговори со Македонија и Албанија.

Резолуцијата беше поднесена од 58 европратеници, кои изразија длабоко разочарување од неможноста на Унијата да ги почне пристапните преговори со двете држави. Да Ве потсетам, денешната резолуција беше донесена со 412 гласа „за“, 136 „против“ и 30 „воздржани“.

Истовремено, би сакал да истакнам дека ставот на Вашиот претседател да биде против почетокот на преговорите на двете земји го нарушува кредибилитетот на ЕУ. А тоа не го велам јас, туку пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП), која на твитер напиша: „Одлуката да се блокираат преговорите со Северна Македонија и Албанија е стратешка грешка. Ја истакнуваме улогата и одговорноста што ја има Емануел Макрон во врска со одбивањето и негативните последици од тоа врз кредибилитетот на ЕУ“.

Она што е уште пострашно, е што „спуштената рампа“ драстично го зголемува безбедносниот ризик и што може да предизвика дестабилизација на регионот. Впрочем, верувам дека Ви е позната историјата на балканските народи, исто како и причините поради кои Балканот е наречен „буре барут“.

Сепак, постојат многу причини поради кои верувам дека недобивањето датум за преговори нема да предизвика „тектонски“ пореметувања на политичката сцена, ниту во мојата земја, ниту во регионот. Убеден сум дека Република Северна Македонија еден ден ќе биде дел од семејството на европските народи, колку и да тоа некому не му се допаѓа. Исто како што верувам дека сегашниот претседател на Француската Република, или тој после него, ќе ја согледа важноста и оправданоста од носење на една таква одлука, која е од обостран интерес – и на Македонија, и на ЕУ!

Прочитајте повеќе

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Двајца членови на избирачки одбор од Охрид, предложени од една политичка партија имале фотографии од …