БРЗАЈ ПОЛЕКА

БРЗАЈ ПОЛЕКА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

Разочараноста на граѓаните, особено на гласачите на СДСМ и коалицијата од бавното преземање на власта на сите нивоа, станува видлива и со голо око. Очекувањата дека примопредавањето на функциите од старата на новата власт ќе оди брзо и без проблеми беа нереални, безмалку утопистички. Оти “карактерите“ на двата главни лика во приказната, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се до таа мера дијаметрално спротивни и некомпатибилни, што не даваа ни трошка надеж оти заминувањето на првите и доаѓањето на вторите ќе биде процес чија реализација може да заврши во разумен рок. Меѓутоа без разлика на сите притисоци, секој нов чекор треба да биде внимателно осмислен. Да се брза, ама полека, оти секоја грешка се враќа како бумеранг. Во овој случај доколку до неа дојде, нема да има назад.

Од декемвриските избори поминаа 200, а од формирањето на Владата 22 дена, но Заев сѐ уште не може да каже дека ги има во раце сите основни полуги на власта. Опструкциите кои по налог на Грујо ги вршат неговите долгогодишни платеници и послушници имаат за цел забавување и одлагање на најавените реформи, како и наметнување општа атмосфера и впечаток дека новата Влада нема капацитет да ја води државата. Крајната цел на таквото сценарио е продолжување на политичкиот живот на чедото на мајка Нада, пролонгирање на судската завршница на скандалот со прислушуваните разговори и негово “рефреширање“ во значаен политички фактор преку победа на претстојните локални избори.

Се разбира дека ова повеќе наликува на тоа “како Крали Марко ја замислува телевизијата“, меѓутоа праксата безброј пати покажала дека ниедна идеја не е до толку налудничава за да не може да се оствари. Особено не кога станува збор за структура на личност од калибарот на Груевски, кој не смее да се потцени ниту тогаш кога изгледа дека со едната нога веќе зачекорил во пеколот. Оти некој кој е поцрн и од самиот ѓавол, секогаш е спремен да стави на коцка баш сѐ, првенствено туѓите судбини и животи.

Оттаму, поголемата опасност за враќање во игра на мафијашкото здружение ја гледам преку можноста СДСМ да направи грешки во кадровските решенија на локално ниво. Првенствено затоа што вниманието на граѓаните многу повеќе ќе биде насочено кон имињата на новите раководители на подрачните единици на министерствата и на другите институции кои се во надлежност на централната власт. Воопшто не е сѐ едно, на пример, кој ќе биде директор на Центарот за социјална работа, УЈП, болница…

Луѓето во локалните средини добро се познаваат меѓу себе, знаат кој колку пари вреди, кој има чесни намери а кому “му фаќа рачето“. Локалните политичари се огледало на партијата која ја претставуваат, ликови со кои останатите граѓани од урбаните и руралните средини или се идентификуваат, или пак со резигнација ги отфрлаат. Токму затоа изборот на вистински луѓе на раководните позиции, во локални рамки, е од идентично значење како и екипирањето на Владата. Изборот добива на уште поголема важност ако се знае дека во октомври или најдоцна во март, политичките субјекти ќе ги одмерат силите на локалните избори. Сметам дека е непотребно да го потенцирам нивното клучно значење за иднината на граѓаните и на државата, бидејќи барем по тоа прашање постои консензус кај сите домашни политички чинители.

Сосема е нормално дека како премиер чија агенда на дневно ниво е пребукирана со државнички обврски, лидерот на социјалдемократите Зоран Заев нема да може да има целосен увид во партиската кадровска политика на локално ниво. Во објективната неможност да се занимава со кадровски решенија, тоа во негово име, крајно сериозно и студиозно, ќе треба да го прават Генералниот секретар Кирацовски или некој од шесте потпретседатели.

Во секој случај, нивната одговорност ќе биде голема и, многу веројатно, клучна дури и по исходот на изборите. Симпатиите, личните релации и старите пријателства ќе мора да бидат тргнати на страна. Единствениот критериум по кој треба да се врши изборот на функционери е нивната стручност и способност да ги менаџираат институциите кои ги водат.

Што се однесува, пак, до критериумите за избор на кандидати за градоначалници, тие се малку поразлични од оние кои важат за локалните раководители. Но за нив, во следната прилика.

Автор:
Чеге Вара                               Прилеп, ебаго!…….(154)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …