литијата против Европрајдот во Белград

Јањиќ: Зад литијата против Европрајдот во Белград стои руската воено-разузнавачка служба ГРУ

Српскиот политички аналитичар Душан Јањиќ денеска изјави дека со оглед на тоа што моторџиите-членови на „Ноќните волци“ го предводеа протестот во Белград против одржувањето на Европрајдот, нему му е јасно дека позади неговото организирање стои руската воено-разузнавачка служба ГРУ, јавува весникот Данас.

Јањиќ во разговор за телевизијата Прва го коментираше неделниот собир „Литија за спас на Србија“, при што изјави дека според владиците кои присуствувале на литијата и присуството на „Ноќните волци“, јасно е дека негов организатор е руската служба ГРУ.

Тој додаде дека војната во Украина и последиците коишто ги предизвикува таа се можност за Србија да ја корегира надворешната политика и зависноста од енергентите од Русија.

Инаку, на вториот по ред собир во текот на август што се одржа во Белград, именуван како „Литија за спас на Србија“, граѓани носеа црковни икони, фотографии од Владимир Путин, а банатскиот владика на СПЦ, Никанор им се обрати на учесниците на литијата, велејќи дека Владимир Путин е „денешен цар на планетата Земја“ кој донел одлука за „аномалиите“ кои се појавиле во Србија.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска рече одлуката за неодржување на Европрајдот во Белград во септември веќе е донесена. Нема да има промена на одлуката за забрана за одржување на манифестацијата од 12 до 18 септември, посочувајќи дека не постојат безбедносни услови за нејзиното одржување.

„Нема да има никакви тепачки и никакви судири“, изјави претседателот Вучиќ, додавајќи дека секој којшто ќе сака да примени насилство ќе биде уапсен, пренесува телевизијата Н1. 

Во Србија продолжуваат и тензичните реплики на членови од српската влада со официјална Москва. Откако потпретседателката на српската влада, Зорана Михајловиќ минатата недела реагираше дека официјална Москва го злоупотребува фактот што Србија не ѝ вовела санкции на Русија, денеска реагираше и Кремљ на изјавите на Михајловиќ.

„Иако зборува за пријателство меѓу двете држави, со ваквото однесување на дело го покажува спротивното“, изјави вицепремиерката Зорана Михајловиќ во однос на однесувањето на Русија и нејзиниот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесува Н1.

Министерството за надворешни работи на Русија ѝ порача на Михајловиќ дека било слабо упатена во реалноста на односите меѓу двете земји.

„Со Србија имаме потполно меѓусебно разбирање за актуелните прашања на меѓународната агенда“, велат од руското МНР, пренесува Н1.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ден на жалост во Босна и Херцеговина

Ден на жалост во Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина е прогласен Ден на жалост, откако во поплавите и одронот на …