Два дена во Собранието нема пленарни седници откако во неделата на полноќ по кавгата со исклучени микрофони, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата пред да се гласа за одземање на имунитетот на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски кој е осомничен за упадот во Собрание на 27 април.
Следната закажана седница е утре во 11 часот кога треба да се одржат пратенички прашања.
Вчерашниот ден помина во меѓусебни препукувања помеѓу пратениците од владејачката коалиција. Владините партнери, СДСМ и ДУИ преку медиумите се обвинуваа и покажуваа нетрпеливост.
СДСМ побара одговор од Џафери да појасни зошто ја прекинал седницата. Координаторот на СДСМ и коалицијата Јован Митревски рече дека имало кворум за гласање и пратениците од мнозинството биле подготвени да донесат одлука со која ќе му се овозможи на судот да ги продолжи непречено своите процеси.
Спикерот Џафери, пак, појасни дека ја прекинал седницата поради, како што рече, однесувањето и дофрлувањата на пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ и бидејќи изминало времето за носење одлука.
Зекири ги отфрли овие наоди и рече дека воопшто немало ситуација што наликува на потреба од прекинување на седницата.
– Талат Џафери е искусен пратеник и во минатото успевал да менаџира седници што биле далеку потензични од синоќешната. Во ниту еден момент немаше навреди упатени кон него. Мнозинството беше тука и спремно да гласа и да му овозможи на судот непречено да ги продолжи своите процеси. Прашање е дали Талат Џафери свесно одработи за ВМРО-ДПМНЕ, односно Вељаноски да не се соочи со правдата – рече Зекири.
Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски на својот „Фејсбук“ профил објави дека Талат Џафери, претседателот на Собранието направил будали од сите, со тоа што го злоупотребил Собранието и го заштитил организаторот на настаните од 27 април од притвор.
„Не знаев дека „лавот од Форино” бил толку чувствителен. А можеше да го трпи криминалецот Груевски кога сакаше да се тепа со него за Законот за јазици. По парламентарните избори, го извадивме ДУИ од ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно, не успеавме да го извадиме ВМРО-ДПМНЕ од ДУИ“, напиша Богоевски.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, рече дека во односите со коалициониот партнер ДУИ секојдневно се случуваат слабости во функционирањето, но истите ќе ги решаваат за да не ги загрозат глобалните процеси кои што се важни за сите граѓани.
Нетрпеливоста помеѓу коалициските партнери се случува во исто време со процесот на разговори околу изнаоѓање заеднички кандидат за претседател на претстојните избори.
Извор: МЕТА