Малески: Хрватската формулација ја имавме пред 2001 година

Малески: Хрватската формулација ја имавме пред 2001 година

За разлика од пред 2001-та, кога беше можна мајоризација, сѐ во нашиот политички систем упатува на договор и компромис, вели амбасадорот Малески.

Хрватски, швајцарски, белгиски модел… Многу предлози продефилираа на јавната сцена во контекст на уставните измени, а најголема врева се крена по искажаната подготвеност на ВМРО-ДПМНЕ јавно да разговара за преамбула во македонскиот устав по урнек на хрватската. Според посочената преамбула, „Република Хрватска се востановува како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на национални малцинства“, по што поименично се наведени 22 малцинства.

Предлогот наиде на критики кај партиите на Албанците, а премиерот вчера (5.04) ја посочи нужноста од македонски модел и со македонски консензус, за кој ќе се води стручна дебата во експертска работна група, а не по телевизии.

Предлогот за хрватскиот модел не стигна случајно пред портите на власта. Владејачки функционери ја посочуваа преамбулата во хрватскиот Устав како позитивен пример во однос на бројот на впишани малцинства, но ја игнорираа нејзината целина, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ реши да ги потсети дека тоа не е шведска маса – да се послужиш само со она што ти одговара.

Мајоризација ги потпали војните

„Кому му е наменета темата ‘хрватскиот модел во Македонија’?“, реторички прашува амбасадорот Денко Малески, од кого ДВ побара оценка за таквиот предлог на опозицијата.

„Наменета е на еден преплашен и загрижен народ кому му се всадува во мислите, еве веќе триесет години, дека е најгубитничкиот народ на светот. И сето тоа наспроти фактите на мирното осамостојување, членството во ОН, членството во НАТО, почетокот на преговорите со ЕУ… Свесни за важноста државата да продолжи на патот кон ЕУ, македонските социјалдемократи, претседателот на државата и некои странски претставници, посегнаа по зборови на утеха: ништо нема да се случи ако плус три илјади Бугари бидат запишани во Уставот, токму како во Хрватска која има 22 етнички заедници. Тоа, сепак не е така: Македонија и Хрватска се две различни приказни. Македонските националисти кои ги тресе предизборна треска, да не ја пропуштат шансата предноста во анкетите да ја претворат во победа, посегнаа по една итрина: добро, но тогаш да ја препишеме целата формулација од хрватскиот устав. Всушност, таа хрватска формулација е онаа која што ја имавме пред 2001 и потпишувањето на Охридскиот договор. Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на националните малцинства“, потсетува Малески.

Таа формула, вели амбасадорот, почиваше врз принципот еден човек-еден глас, која во отсуство на механизми за гаранција на колективните права на малцинствата, се претвори во доминација на мнозинството врз малцинството како трајна состојба која никакви избори не можат да ја променат.

„Всушност, тоа е таа мајоризација која ги потпали војните во Југославија, кога другите нации се спротивставија на српската хегемонија на Милошевиќ. Одбивајќи отворено да дебатираме за истата опасност во независна Македонија и да преземеме чекори кон промена на системот, десет години лизгавме кон етнички конфликт кој се случи во 2001 година. Имено, балансот се поремети во моментот кога српските сили на македонско-косовската граница беа потиснати од НАТО на територијата на Србија. Истите сили ни пристапија напомош во моменти кога се разгоре меѓуетничкиот конфликт во нашата држава и го сочуваа територијалниот интегритет на Македонија. Цената беше Охридскиот договор, во кој беа вметнати консензуални елементи во политичкиот систем и уставни инструменти дека процесот на одлучување нема да може да ја заобиколи втората по бројност етничка заедница, албанската. Со тој договор станавме мултинационална држава, факт кој не можеше да го сокрие ниту една прилично несмасна формулација на преамбулата на новиот устав. Наложен од надвор како спасоносно решение за младата македонска држава, моделот успешно го одржува мирот во земјата, еве веќе дваесет години“, оценува Малески.

Денко Малески
Малески: Македонија и Хрватска се две различни приказни

Договор и компромис

Уште при незапочнати активности за уставните измени, темата веќе се излеа од основното корито, со партиски барања отворањето на Уставот да се искористи и за други промени во највисокиот правен акт. Беса веќе доставила таков предлог.

„Движењето Беса достави до Министерството за правда свој предлог за уставните измени во делот на редефиниција на албанскиот јазик – не како ‘20%’, и му благодариме на министерот, ни рекоа дека ќе го земат предвид. Што се однесува до предлогот и одредените модели, ние гледаме подготвеност Уставот да се отвори, а со тоа да се отвори и за регулирање на меѓуетничките односи во Северна Македонија. Ние како Беса сме подготвени, но бараме уставните измени да бидат во правец на регулирање на државата и да се одразува мултиетничкиот карактер на државата“, изјави партискиот лидер Билал Касами.

Колку што има поддршка во албанскиот блок партии за предлогот за замена на формулацијата „јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“, исто толку има критика кон предлогот за пресликување на хрватскиот модел.

„Во Хрватска над 90 проценти од населението се Хрвати, а во Македонија е сосема друга конфигурација на населението. Ако веќе сакаме да се споредуваме, ајде да се споредуваме со Швајцарија или со Белгија или со други држави кои што имаат релативно слична конфигурација како и Македонија“, изјави лидерот на владејачката Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Според Малески, ВМРО-ДПМНЕ може да го блокира процесот, но не може да ја врати старата формулација во Уставот.

„Денес, свесно или не, ВМРО-ДПМНЕ предлага да се вратиме на старо. Зошто? Затоа што голем дел од Македонците, изложени на секојдневна националистичка канонада, несвесни за последиците, би гласале за тоа. Заради потребата од двотретинско мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ може да оневозможи запишување на Бугарите во Уставот. Но, не може да ја врати старата формулација во Уставот. Имено, после Охридскиот договор, за промена на преамбулата и на наведени членови од Уставот се прашуваат и малцинските етнички заедници. Покрај двотретинско мнозинство од пратениците, потребно е и мнозинство од пратениците кои ги претставуваат малцинските заедници во парламентот. Сега, за разлика од пред 2001-та, кога беше можна мајоризација, сѐ во нашиот политички систем упатува на договор и компромис. Упатува на нешто во што сме најслаби“, посочува Малески.

Внатрешно прашање на РСМ

Но, најизненадувачкиот предлог за темата, не дојде од домашен терен, туку од соседството. Бугарскиот службен министер за надворешни работи, Николај Милков, вчера изјави дека Бугарија сака да биде дел од процесот на консултации за уставните измени во РСМ.

„Колку што ни е познато, се дискутираат варијанти на идни текстови, кои би биле промена во Уставот (на Република Северна Македонија). Би сакале да бидеме дел од тој процес, за да може тој оди непречено. Би сакале да се консултираме со нив за овие прашања. Во оваа смисла, вчера накратко разговарав со министерот Бујар Османи, се надевам дека ќе одговорат“, ја пренесе БТА изјавата на Милков дадена на брифинг во Брисел.

Од македонското МНР соопштија декапроцесот на уставни измени е внатрешно прашањена Република Северна Македонија.

„Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во Парламентот, и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија“, се наведува во соопштението од МНР.

Во него се потенцира и дека барањето кое го споменува Милков, ниту пристигнало до МНР ниту било разговарано меѓу двајцата министри.

Прочитајте повеќе

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

Драган Ковачки во дебата на национална телевизија ја повтори „по стоти пат“ невистината дека актуелниот …