Тајванската претседателка во САД, Кина реагира налутено

Тајванската претседателка во САД, Кина реагира налутено

Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мекарти и тајванската претседателка Тсаи покажаа единство за време на разговорите во Калифорнија. Кина ја критикуваше средбата како „тешка грешка“.

Зборовите „единство“, „заедно“ или „посилно“ се користат постојано: републиканецот Кевин Мекарти, третиот најважен политичар во САД, стои веднаш до Тсаи Инг-вен, претседателката на Тајван. Знакот е јасен – нема да бидеме заплашени: „Мислам дека нашата врска сега е посилна од кога било во мојот живот“, изјави Мекарти. И Тсаи нагласува: „Посилни сме кога сме заедно“.

Средба на ова ниво во САД немало повеќе од 40 години. Локација: Претседателската библиотека Роналд Реган во градот Сими-Вали, во близина на Лос Анџелес. Реган беше американски претседател за време на Студената војна – загриженоста од тоа време е повторно актуелна: „Не е тајна дека мирот што го одржувавме и демократијата, на чија изградба работевме напорно, се соочуваат со невидени предизвици“, оцени Тсаи.

Редок момент на единство меѓу американските политичари

Покрај Мекарти, претседателката на Тајван ќе се сретне и со делегација составена од републиканци и демократи. Редок момент на единство меѓу американските политичари. „Раководството на кинеската партија смета дека Америка е поделена, дека партиите ги бранат само своите интереси и вредности“, изјави за Си-Ен-Ен демократскиот конгресмен Раџа Кришнамурти, додавајќи: „Затоа е важно денес да се зборува во еден глас“.

Тсаи Инг-вен Тајван
Тсаи: Не сме сами

Кина го оцени патувањето како „тешка грешка“

За Тсаи, состанокот во Калифорнија е попатна станица на нејзиното враќање во Тајван. Претходно таа беше во Централна Америка. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен рече дека состанокот е приватен и неофицијален.

Минатата година, тогашната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го посети Тајван. Реакцијата на Кина беше воени маневри кои траеја неколку дена, но овојпат тоа не се случи. Кинеското Министерство за надворешни работи го опиша состанокот како „тешка грешка“. Ќе се преземе решителна акција за заштита на националниот суверенитет, се вели од Пекинг. Кина и претходно го критикуваше состанокот. На прашањето во врска со тоа, Мекарти рече: „Нема да дозволам Кина да диктира каде одам или со кого разговарам. Не е важно дали е пријател или непријател“.

Демонстрации Лос Анџелес Тајван
Демонстрации во Лос Анџелес против независност на Тајван (5.04.2023)

САД постојано му ветуваат поддршка на Тајван

Тајван има независна, демократски избрана влада. Но, Кина го гледа Тајван како дел од Народната Република и постојано се заканува дека ќе го нападне островот. Американскиот претседател Џо Бајден повеќепати вети поддршка доколку дојде до напад.

Тајван е стратешки важен за САД. Вашингтон испорачува оружје, сакајќи да направи нешто за да се спротивстави на стремежот на Кина за моќ. Земјата е и еден од најголемите производители на компјутерски чипови. Или, како што вели Кевин Мекарти: „Блиски економски врски. Блиски човечки врски. Заеднички вредности.“

Во библиотеката Реган во Калифорнија не се слушаше само повик на единство. Имаше и чести референци на Реган: „Верувам во мотото на претседателот Реган – мир преку сила“. Тсаи имаше уште една порака за Тајванците: „Го уверуваме тајванскиот народ дека не сме изолирани и не сме сами“.

Прочитајте повеќе

Руски обрач околу Харков: „Страшно е”

Руски обрач околу Харков: „Страшно е”

Украинската војска јавува за тешки борби во руско-украинскиот пограничен регион Харков. Од офанзивата на исток …