Министерката Шукова ќе присуствува на протестот против рудникот Иловица-Штука

Министерката Шукова ќе присуствува на протестот против рудникот Иловица-Штука

Министерката денеска изјави дека лично е против отворање на рудник во земјоделски крај и дека производството на храна секогаш треба да биде приоритет

Министерката за животна средина Каја Шукова ќе оди на утрешниот протест во Струмица, организиран од граѓанското здружение „Здрава Котлина“, против отворање на рудникот Иловица-Штука.

Министерката денеска изјави дека лично е против отворање на рудник во земјоделски крај и дека производството на храна секогаш треба да биде приоритет во однос на високо загадувачки индустрии.

„Утре ќе бидам во Струмица и ќе се придружам на протестот. Сакам да ги слушнам граѓаните и да бидам дел од овој процес. Во координација со премиерот и другите министри повторно ќе ја разгледуваме одлуката за спојување на двете концесии. Ние сме мала држава и мислам дека земјоделството треба да ни биде приоритет. Мораме да бидеме многу внимателни кога даваме дозволи за експлоатација за тешко загадувачка индустрија“, рече Шукова.

Таа посочи дека ја разбира загриженоста на граѓаните и дополни дека нејзиниот личен став е идентичен како и нивниот, против отворање нови рудници во земјата, особено во земјоделски крај. Шукова потенцираше дека треба да се развива производството на храна, и дека тоа треба да ни биде приоритет, што државата активно го прави во последните години и што резултира со голема успешност во спроведувањето на ИПАРД програмата во земјата, која веќе почнува и со третиот циклус.

Шукова изјави дека студиите за влијание врз животната средина не се тајна, туку дека во министерството не е пристигнато барање за ваква постапка за оценка на влијанијата. Посочи дека доколку дојде до таа фаза, документот ќе биде многу серизно и внимателно разгледан, исто како и процесот што ќе биде понуден за експлоатација на руда во тој регион. Посочи дека веќе се консултирани и експерти од областа кои потврдиле дека се работи за тешка и загадувачка индустрија, заради што побара сите засегнати страни да бидат многу внимателни во процесот.

Протестот на жителите на трите општини од југоистокот – Струмица, Босилово и Ново Село ќе се организира утре во 11 часот на раскрсницата во центарот на Струмица, до градскиот пазар „Глобал“ и е директна реакција на одлуката на Владата со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“ откако Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката на Владата да се раскине договорот за една од концесиите.

Владата со оваа одлука повторно отвори пат за реализација на намерите за ископување на злато и бакар во Струмичката котлина. Претходно, Управниот суд во февруари годинава ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката на Владата да се раскине договорот за една од концесиите, откако Вишиот Управен суд во октомври лани, третпат го врати предметот на повторно одлучување. Тоа предизвика реакции кај жителите на трите општини од регионот и граѓанските организации кои неколку години се борат за зачувување на овој земјоделски крај.

Прочитајте повеќе

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Двајца членови на избирачки одбор од Охрид, предложени од една политичка партија имале фотографии од …