Нуклеарна централа

Не е откриено истекување по нападот на руските трупи на нуклеарната централа во Украина

Не е забележано истекување од нуклеарната централа во Запорожје, која синоќа беше во пламен, што украинските служби за итни интервенции го изгасија, соопштија надлежните од Украинската нуклеарна агенција.

Украинската нуклеарна централа синоќа беше мета на руските сили кои еден час ја гранатирале. Биле запалени просториите на третиот и четвртиот кат, и засега нема повредени при пожарот, се вели во соопштението.

Инцидентот ги поттикна ОН и меѓународните нуклеарни институции да усвојат итни мерки, а канцеларијата на британскиот премиер Борис Џонсон соопшти дека тој ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да се разговара за ситуацијата.

„Не се регистрирани промени во ситуацијата со радијацијата“, соопшти утрово Украинскиот државен нуклеарен регулаторен инспекторат.

Нуклеарната централа во Запорожје, во близина на реката Днепар, е најголема во Европа и произведува повеќе од една петтина од домашната електрична енергија во Украина.

Нуклеарната агенција на ОН утрово соопшти дека го става својот центар за инциденти и итни случаи во режим на целосна и итна реакција поради ситуацијата.

Американскиот секретар за енергетика Џенифер Гранхолм доцна синоќа изјави дека нема првични знаци за зголемено ниво на радијација во централата.
Во видеото објавена на социјаните мрежи се гледа како годи петкатна зграда, во Запорожје.

Градоначалникот на Запорожје, Дмитро Орлов, изјави дека руските сили отвориле оган врз контролен пункт на неколку километри од нуклеарната централа врз тамошните цивили, гранатирајќи ја областа најмалку еден час. Тој рече дека градот нема водоснабдување и прекин на електричната енергија.
Регионалната украинска администрација во Запорожје подоцна соопшти дека руските војници ја зазеле централата и „оперативниот персонал ја следи состојбата на енергетските единици“.

Киев потврди дека руските сили влегле во комплексот. Протоколот на Женевската конвенција ги ограничува воените напади врз нуклеарни постројки.

Претседателот Володимир Зеленски објави видео обраќање откако почна пожарот и ги повика Европјаните да се разбудат.

„Кажете им на вашите политичари – руските војници пукаат во нуклеарна централа во Украина“, изјави Зеленски.

Зеленски разговараше со американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон за да ги информира за ситуацијата во Запорожје.

Белата куќа соопшти дека „претседателот Бајден му се придружи на претседателот Зеленски во повикувањето на Русија да ги прекине своите воени активности во областа и да им дозволи на пожарникарите и на итните служби да пристапат до локацијата“.

Претходно генералниот директор на националната компанија за атомска енергија, Енергоатом, рече дека на пожарникарите првично „не им било дозволено“ да стигнат до запалената структура.

„Има огромни ризици. Борба на станицата. Реакторите се во опасност“, рече Ихор Мурашов преку социјалната мрежа Телеграм.

Кабинетот на британскиот премиер Џонсон соопшти дека „непромислените постапки на рускиот претседател Владимир Путин сега може директно да ја загрозат безбедноста на цела Европа“.

Интензивните руски напори за бомбардирање и опкружување, исто така, продолжуваат во градовите во јужна Украина, каде што Русија, наводно, го окупирала својот прв голем град, Херсон, а руските сили очигледно се обидуваат да добијат контрола над стратешкиот брег на Црното Море.

Се смета дека илјадници луѓе се убиени, а повеќе од 1 милион Украинци побегнале на запад поради растечката бегалска криза откако Путин ја започна својата сеопфатна инвазија на Украина на 24 февруари.

Русија веќе ја презема контролата врз нефункционалната нуклеарна централа во Чернобил, околу 100 километри северно од главниот град на Украина Киев.

Руската инвазија на Украина влезе во втората недела. Напади има во повеќе градови меѓу кои Киев, Суми, Мариупол, Одеса и Харков.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …