Ни трага ни глас од „најдобриот луна парк на Балканот“

Ни трага ни глас од „најдобриот луна парк на Балканот“

Во својата програма градоначалничката Данела Арсовска вети најдобар луна парк на Балканот кој ќе биде отворен во првите две години од нејзиниот мандат. Со оглед на тоа што половина од нејзиниот мандат завршува во ноември, а сè уште не е започната изградбата на луна паркот, ова ветување го оценуваме како неисполнето, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

Ветување:

Најдобар луна парк на Балканот и два нови забавни парка

Спомените од скопскиот Луна парк не смее да останат само спомени. Затоа планираме брзо опремување на централниот Луна парк во Градскиот парк со бројни содржини (ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг). Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот. Освен за најмладите, овој парк на скопјани ќе им понуди содржини за сите возрасни категории. Останатите два забавни парка се планирани во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром, преку соработка со општинските власти и процес на јавно-приватно партнерство.

[Извор: Програма за модерно Скопје на Данела Арсовска, стр. 12; датум: октомври 2021 г. ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во програмата за локалните избори во 2021 година (стр.12), градоначалничката Данела Арсовска вети „Најдобар луна парк на Балканот и два нови забавни парка“, со рок за отворање на луна паркот во првите две години од нејзиниот мандат. Сепак, ситуацијата на терен е сосема поинаква. Наместо најдобриот луна парк на Балканот, на местото каде што се наоѓаше забавниот парк во Градскиот парк во Скопје има само остатоци од обидите за негово реотворање уште од времето кога градоначалник беше Коце Трајановски.

Ни трага ни глас од „најдобриот луна парк на Балканот“
Фото: Принтскрин изборна програма на Данела Арсовска – „За модерно Скопје“

Освен во предизборната програма, ветувањето за изградба на нов и модерен луна парк беше повторено од градоначалничката Арсовска и по нејзиното стапување на функција.

На крајот на 2021 година, Арсовска вети дека веднаш на стартот на 2022 година ќе започне да се уредува новиот луна парк. Тогаш градоначалничката најави дека веднаш во луна паркот ќе бидат поставени реквизити кои се веќе набавени (во времето на Трајановски), а кои одговараат и според новиот проект.

По Нова година ќе започне уредувањето на новиот луна парк, нема да чекаме уште 4 години. Ќе се пристапи кон монтирање на реквизитите кои се веќе набавени, а се вклопуваат и во новата проектна документација, за паркот да биде функционален. Дополнително ќе се набават 20 нови реквизити како што е предвидено со проектот, рече Арсовска на крајот од 2021 година.

Во февруари 2022 година, на седница на Советот на Град Скопје беше усвоена одлука со која треба да започне реализацијата и изградбата на забавниот парк. Во соопштението до медиуми, од Град Скопје известија дека финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема и реквизити и нивно монтирање се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2022 година, додека следната фаза ќе биде реализирана со буџетот од 2023 и 2024 година.

Дури и при носењето на буџетот за 2023 година, од Град Скопје најавија дека во буџетот се планирани средства за реализација на новиот луна парк.

Ни трага ни глас од „најдобриот луна парк на Балканот“
Фото: Вистиномер

Сепак на терен ситуацијата е сосема поинаква. Ни по стартот на 2022, а ни по стартот на 2023 година не започна изградбата и уредувањето на луна паркот во Градскиот парк во Скопје. На местото каде што треба да биде луна паркот нема знаци на градежни активности.

До истекот на рокот за изградба на, како што пишуваше во програмата, најдобриот луна парк на Балканот, со ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино и картинг, остануваат уште неколку месеци, а онака како што стојат работите, досега ова ветување е неисполнето.

До Град Скопје испративме прашања за тоа до каде е реализацијата на проектот за изградба на луна парк, дали има некакви активности или пак измени во првично планираниот проект од предизборната кампања, но до објавувањето на овој текст не добивме никаков одговор.

Вистиномер и претходно ги анализираше ветувањата за реконструкција на луна паркот во Скопје. Поранешниот градоначалник Коце Трајановски пред речиси 13 години, во ноември 2011 година соопшти дека е распишан тендерот за избор на концесионер за изградба на нов луна парк. Пред истекот на мандатот на Трајановски, Град Скопје реши со свои средства да го гради луна паркот во неколку фази. Првата фаза  започна во пролетта 2017 година, а најавите од Градот беа дека целиот проект треба да биде комплетиран следната (2018) година. Сепак и овие градежни активности брзо завршија, а во Градскиот парк на местото каде што треба да биде луна паркот сè уште се забележуваат остатоците од тие градежни активности.

Ни трага ни глас од „најдобриот луна парк на Балканот“
Фото: Вистиномер

Ветување за изградба на луна парк во центарот на Скопје имаше и ексградоначалникот Петре Шилегов, кој неколку месеци по доаѓањето на функција вети нов луна парк. Но, во април 2020 година Шилегов најави дека наместо за изградба на новиот луна парк, Градот ќе се задолжи 12 милиони евра, за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура. Во март 2021 година тогашната градска власт информираше дека  ќе продолжи реализацијата на проектот за нов забавен парк, но сепак изградбата на луна паркот не започна до крајот на неговиот мандат.

Сепак, покрај сите најави давани во изминативе години, Скопје и скопјани и понатаму остануваат без забавен парк во својот град, а со оглед на тоа што досега (25.07.2023) забавниот парк не започна да се  гради, ова ветување на Арсовска го оценуваме како неисполнето.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Топлото време и екстремно високите температури не беа пречка премиерот и повеќе владини и локлани …