Отворено писмо до Зоран Заев: Стојко Пауновски е изгубената совест на нашето општество!

Отворено писмо до Зоран Заев: Стојко Пауновски е изгубената совест на нашето општество!

Почитуван Зоран Заев,

Со сета почит кон премиерот Заев, кон првиот меѓу еднаквите социјалдемократи, другарот Заев, овој пат ти се обраќам како на пријателот Заев. Со кого дваесетина години, со заедничките струмички и прилепски пријатели, сме воделе и добиле многу битки. Првенствено, човечки битки.

Драг пријателе,

Имам потполно разбирање за деликатноста на моментот во кој живееме, за огромната одговорност и пресија која е фокусирана на тебе. За комплетната негативна приказна која ја плетат околу тебе, не од денес, не од вчера, туку од моментот кога на партискиот Конгрес го порази „крем“ друштвото кое се ужаснуваше од самата помисла дека „нескопјанец“ може да биде претседател на СДСМ. Заради бројните отворени разговори кои по различни поводи сме ги воделе настрана од очите и ушите на јавноста, не треба да ти кажувам дека, исто како и тогаш, ни сега не се сомневам во искреноста на твоите намери.

Во целата таа приказна, почитуван пријателе, Стојко Пауновски не е негативниот лик!

Јас добро знам што значи хиерархија и колку е важна дисциплината за успешно функционирање на извршната власт. Како што е, впрочем, важна и во партискиот живот. Но, уште подобро знам што значи личен интегритет, професионалност и кадарност, особини кои од година во година губат на важност.

Господинот Пауновски не го познавам лично. Што може да е позитивно, од аспект на поголема објективност во искажувањето на мојот став. Ама, ако не го познавам јас, добро го знаат вработените во институцијата која тој три години ја раководи. Оние вработени, кои во новонастанатата ситуација, јавно и отворено застанаа на негова страна.

Ти си меѓу малкумината од актуелните политичари, кои од различна страна го вкусиле „лебот со седум кори“. Оттаму, добро знаеш дека е вистински раритет кога вработените со име и презиме, без принуда, присила и уцена, јавно ќе застанат зад својот шеф. Притоа, свесно ставајќи ги „на отстрел“ својата кариера, иднина и егзистенција. Колкумина такви шефови и директори познаваш? Шестмина? Двајца? Ниеден?

Слушајќи ги мислењата на луѓето кои со директорот на Државниот пазарен инспекторат се на „ти“, имам впечаток дека Стојко Пауновски е олицетворение на она за кое што ти отсекогаш си се залагал, како во приватниот живот, така и во политичката кариера – борец за правда и правичност!

Драг пријателе,

Во партијата која ти е срасната за душата, има луѓе кои зрачат со анимозитет каде и да се појават. Кои се негативни сами по себе, кои се жива несреќа во движење. Чиста спротивност на вистинските партиски борци, кои со својата способност, чесност и честитост, претставуваат подвижни партиски “билборди“ и најдобра потврда на твојата, нашата визија за социјалдемократијата.

Арогантите и нашминкани кариеристи и среброљупци, кои половина од својот животен век го поминаа на државни јасли, „мачејќи“ се во собраниските клупи, министерските кабинети и директорските фотелји, претставуваат синоним за некадарници, неработници и крлежи. Саморекламери, кои ги изгубиле сите битки кои ги воделе во сопствено име или во име на партијата. „Шлепери“ кои го „искинаа“ животот покривајќи ја својата неспособност со туѓи успеси. Нарциси, кои зад себе не оставиле ништо вредно за паметење, кои во недостиг на резултати и дела своето CV го полнат со фотосесии на дневна основа и кои половината од работното време го поминуваат пред огледало, воодушевувајќи се од својата „личотија“ и скапите костуми вредни колку и едногодишната плата на обичната „раја“.

Ете тие се „дивото месо“ кое со години наназад им ја убива надежта на искрените поддржувачи на идејата за едно општество за сите, за достоинствен живот во сопствената држава, за подобро утре на нашите деца. А точната дијагноза, но и лекот од партиското „диво месо“, хируршки прецизно го кажа големиот Горан Стефановски:

„Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, а раната да се изгори со жар“.

Во деновите кога и земјата и секој поединец во нашата татковина се наоѓа на чекор од депресија, на „простосмртните“ граѓани им фалат позитивни лица, кои на нив гледаат личности рамни на себе, политичари со кои ќе се идентификуваат. Луѓе со став, храбри луѓе кои не се плашат нештата да ги кажат со вистинското име. Кои се секогаш тука да го подметнат грбот, спремни со својот пример да потсетат на изгубената совест на нашето општество.

На крајот, верувам дека одлуката која ќе ја донесиш ќе биде онаа вистинската, која преку случајот на Стојко Пауновски ќе делува охрабрувачки и мотивирачки не само за партиското членство, туку и за пошироката јавност.

Со искрена почит,

Зоран Милошески  

Прочитајте повеќе

ЕУ очекува Сиљановска-Давкова и владата да ги исполнат обврските за евроинтеграциите на Северна Македонија

ЕУ очекува Сиљановска-Давкова и владата да ги исполнат обврските за евроинтеграциите на Северна Македонија

ЕУ очекува идната претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и новата влада да соработуваат и …