Пендаровски: Армијата е во одлична кондиција

Пендаровски: Армијата е во одлична кондиција

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Домот на Армијата во Скопје беше брифиран за борбената готовност на Армијата на Република Северна Македонија.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски го информираше претседателот Пендаровски за состојбата во Армијата во 2019 година, истакнувајќи ги позначајните активности во процесот на трансформација и достигнатото ниво на имплементирање на процедурите и обврските поврзани со членството во НАТО. Претседателот беше брифиран и за реализацијата на плановите и задачите во текот на 2019 година.

Претседателот Пендаровски, заблагодарувајќи се за реферирањето, го истакна придонесот во меѓународните мисии и вежби, како доказ за подготвеноста на Армијата за придонесот во колективниот систем за безбедност и членство во НАТО Алијансата. Претседателот ги нагласи неговите заложби за подобрување на животниот и професионалниот стандард на припадниците на Армијата. Во тој контекст, изрази поддршка за реформите во Армијата и зголемувањето на буџетот на Армијата на 2% од БДП до 2024 година.

„Јас можам да кажам дека сум задоволен од она што го слушнав и од она што го знам од тековното информирање, не само од овој брифинг. Армијата на Република Северна Македонија е во одлична кондиција, ако се спореди што се случуваше во таа институција, пред само две, три, пет години. И тоа не се должи само на енормно зголемениот воен буџет, морам да кажам повеќе од два пати е зголемен буџетот за следната година, ако го компарирате со 2017 година. Значи буџетот за догодина ќе биде 160 милиони евра, што е апсолутен рекорд кога станува збор за одвојување на средства за воениот буџет од нашата независност, од 90-та, до денес. И велам, повеќе од двојно во однос на 2017-та и два ипол пати повеќе од претходни некои години. Значи не е само во тоа – постои едно раководство генерално, во државата и во овие ресори кое има сосема поинаква стратешка парадигма“, изјави претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски потсети дека на лондонскиот самит Северна Македонија била третирана како да е полноправна членка на НАТО, што се должи не само на одвојување на повеќе средства, туку и на поинаква политичка филозофија.

„Јас мислам дека можеме да бидеме задоволни со тоа што политичката поддршка на овој курс мора да продолжи и да остане – не на ова ниво, туку и да се зголеми, бидејќи нема да ги завршиме сите работи со членството во НАТО. Имаме еден куп обврски кои доаѓаат и како полноправни членки на НАТО“, рече претседателот Пендаровски.

Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на Началникот на Генералштабот кон Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен Командант на Армијата, за состојбата на борбената готовност во Армијата. 

Прочитајте повеќе

Дубаи документи: Македонска елита со имоти во Емиратите

Дубаи документи: Македонска елита со имоти во Емиратите

Јордан Камчев, Душко Чифлиганец, Ристо Секуловски, Бобан Заев се дел од македонските државјани кои имаат …