Пендаровски на отворањето на „Браќа Манаки“: Фестивалот е репрезент на нашата култура во светот

Пендаровски на отворањето на „Браќа Манаки“: Фестивалот е репрезент на нашата култура во светот

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски се обрати на отворањето на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”.

Честитајќи го 40-годишниот јубилеј на фестивалот, претседателот Пендаровски истакна дека тој е резултат на истрајноста и неуморниот ангажман во изминатите четири децении на сите коишто се вклучени во организацијата и во селекцијата на програмата. Со тоа, како што рече претседателот Пендаровски, доследно и посветено е чувано наследството коешто го оставија Јанаки и Милтон Манаки.

Претходно, претседателот Пендаровски му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на реномираниот американски кинематографер, Едвард Лакман.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски на свеченото отворање на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”.

„Почитувани љубители на филмската уметност,

Дозволете ми да ви честитам за истрајноста и за неуморниот ангажман во изминатите 4 децении затоа што доследно и посветено го чувате и го почитувате наследството што го оставија Јанаки и Милтон Манаки. Ви честитам бидејќи сте вистинските репрезенти и афирматори на филмската уметност и, воопшто, на културата во Република Северна Македонија, во Европа и во светот.

Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно своето место во културата на една држава и на еден народ.

Фестивалот „Браќа Манаки“ започнал како скромен собир во чест на првите балкански кинематографери. Претпоставувам дека тогаш тоа било и еден вид пилот-епизода за којашто ретко кој верувал дека ќе прерасне во реномиран европски и светски познат фестивал. А тоа, секако, дека се должи на најмалку две причини.

Нескршливата волја при чекорењето по единствената можна насока на креативноста, што не е лесно во едно непредвидливо и брзо време во кое се менуваа идеологиите, вредностите, границите на државите и на светот. Наспроти таквата динамика, фестивалот тука, во Битола, донесе некои од најмаркантните имиња на филмската уметност, воопшто, меѓу кои и многу кандидати и добитници на „Оскар“.

40-годишниот јубилеј, секако, е резултат и на прецизно конципираниот репертоар низ годините. Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време ‒ социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата…

Доволно е да ја прелистаме програмата за да видиме дека огромен број од филмовите се посветени на доминантните теми во светот и кај нас. Тие не само што нè замислуваат, туку и нè охрабруваат да се бориме против рамнодушноста и исклученоста од светот и од животот, нè инспирираат да ја почитуваме различноста и со тоа да создаваме општество на еднакви граѓани, кое ќе нуди иста шанса за сите.

На сите оние што на каков било начин порано или денес се дел од фестивалот, најмалку што ви посакувам е во следните 40 години „Браќа Манаки“ да биде водечки фестивал во филмската уметност не само во нашата земја туку и надвор од неа.

Почитувани присутни, дозволете ми да го прогласам за отворен 40-от јубилеен Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Ви благодарам.“

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче: Верувам дека ниеден наш член не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола

„Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам …