студентски дом

Повторно редици при вселувањето во студентските домови, станарината поскапена за 300 денари

Стотици студенти со своите куфери и торбици во раце денеска чекаа ред за да можат да се вселат во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Надлежните не го исполнија ветувањето дека ќе се дигитализира студентската евиденција при упис во студентски дом, па станарите во домовите чекаа да ја поднесат потребната документација и да се вселат во собите. Цените за сместување годинава се повисоки од лани. Ако студент во „Гоце“ лани плаќал 3.645 денари, сега плаќа 3.945 денари.

„Јас сум од Велес, се запишав на Економскиот факултет. Чекам ред за да земам документи кои потоа пополнети треба да ги доставам внатре и да ме спроведат до собата. Уплатив 3.945 денари за станарина и храна, 1.200 денари за административни работи и 300 денари за студентска картичка, но искрено, таа лани за ништо е ми послужи“, вели Ана. Б, студентка во трета година.

Повторно редици при вселувањето во студентските домови, станарината поскапена за 300 денари
Студентите чекаа во ред да земат документи, кои потоа м0ораа да ги пополнат за да добијат студентска соба. Фото: Мета.мк

Студентите со кои поразговаравме реагираа што надлежните во МОН ги тргнале од веб-страницата резултатите од Конкурсот за прием на студенти.

„Добро е што вчера додека беа објавени, ги симнав резултатите, па имав увид во нив. Овде денеска има мнногумина кои не знаат дали се примени, а сепак чекаат ред, баш поради тоа што нема каде да се информираат дали се примени или не. Не е во ред што беа тргнати“, ние рече студентка од Прилеп.

Резултатите објавени па повлечени

Вчера одговорните во МОН прво ги објавија, па ги отстранија списоците со примените станари од нивната веб-страница. Сајтот на министерството во текот на целиот ден, додека резултатите беа достапни, функционираше отежнато, а пристапот до страницата на моменти беше оневозможен. Оттаму за денеска најавија дека повторно ќе ги објават и на македонски и на албански јазик.

Во врска со цената на станарината и исхраната, Виктор Велевски, директорот на Државен студентски дом – Скопје (ДСД), за Мета вели дека цената за храна и сместување е поскапа за 300 денари заради тоа што се поскапени трошоците за живот.

„Поскапена е струјата, водата, храната, парното. Реално нас еден студент нè чини многу повеќе од сумата од 3.945 денари. Има многумина студенти кои се ослободени од плаќање, а тоа се децата на самохрани родители, на бранители, на социјално понемоќни лица“, вели Велевски.

Дигитализацијата ќе почека

Во однос на ветувањето за дигитализација на процесот за вселување, Велевски објаснува дека списоците со примени студенти ги креира МОН и потоа ги праќа во ДСД.

„Не е целиот систем наш, ние во тој систем не можеме да пристапиме. Ние баравме од МОН да бидеме вклучени и во комисиите кои одлучуваат за сместување. Се случува на пример, две близначки, да ги сместиме едната во еден дом, а другата во друг. Така што овие нешта ние треба да ги решаваме, но немаме надлежност да ги решаваме. Така е и со дигитализацијата, во МОН не го прфатија она што ние го баравме и затоа има редици студенти што чекаат да се вселат“, објасни Велевски за Мета.мк.

Вселувањето во домовите „Стив Наумов“ и во „Гоце Делчев“ ќе трае десет дена. „Кузман Јосифовски Питу“ нема да прими станари годинава поради реновирање. Овие три домови се под надлежност на ДСД – Скопје, а „Пелагонија“ и „Томе Стефановски Сениќ“ се посебни правни субјекти.

„Во „Гоце Делчев“ има 1.176 места, сега се пополнети 960. Останатите од МОН ги оставаат слободни за бруцошите. Најголем е интересот за овој дом оти овде се најдобри условите за живот. Во „Стив Наумов“, зградите еден и два не работат од 2019 година. Таму функционира третата зграда, во неа ќе има станари годинава, но ќе биде со половичен капацитет, т.е. ќе се вселат 359 станари, а има место за 620. Ова ќе биде така оти има проблеми со канализационата мрежа поради што не може да се користат тоалетите, се запушуваат. Тука се и павиљоните каде капацитетот е 138, а тој се исполнува секоја година целосно. Имаме оставено соби посебни за лица со попреченост, каде што сè е приспосебно за нив“, информира Велевски.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Мицкоски подготвува стратегија и следни чекори

Мицкоски подготвува стратегија и следни чекори

Потенцијалните партнери во идната влада засега се посветени на договорените постулати за соработка и градење …