Пратеничката функција и интересите на граѓаните

Пратеничката функција и интересите на граѓаните

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Парламентарните избори се меѓу поголемите настани на кои долги години наназад навикнавме да бидат предвремени. Тоа се избори со најголема излезност и партиципативност на граѓаните во текот на изборниот процес. Во 1990 излезноста за парламентарните избори била 84,8 % од вкупниот број избирачи, а во 2016 година тој процент изнесувал 66,8. Излезноста е намалена, но клиентелистичките критериуми на македонскиот гласач се сè повисоки и повисоки.

На парламентарните избори граѓаните ги бираат своите директни претставници во Собранието на Р. Северна Македонија, за да потоа мнозинството од нив ја избере Владата. Така, од законодавната власт произлегува извршната и со механизмите кои ги имаат дополнително поставено овие две власти, треба континуирано да се контролираат меѓусебно, со цел да произведуваат што е можно поефикасни јавни политики.

Судската власт е третиот основен столб на секој политички систем и таа, во смисла на донесување правични одлуки, треба да е независна од законодавната и извршната власт. Но, поради партизацијата на изборниот процес, незнаењето на гласачите за (зло)употреба на гласачкото право, незнаењето за функцијата пратеник и неговата лична одговорност кон гласачите кои го избираат, незнаењето за поделбата на власта, централизираната апсолутна поставеност на лидерите на политичките партии, пратеникот целосно го има изгубено она значење кое што треба да го има за да може да ја постигне целта на самата пратеничка функција.

Во истражувања на Институтот за демократија Социетас Цивилис за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието во 2016 година, 51% од граѓаните сметаат дека Собранието има значителна улога во политичкиот живот, додека во 2018 година, 64% од граѓаните го утврдуваат истиот став. По однос на тоа колку граѓаните се запознати со работата на Собранието, истражувањето од 2016 година покажало дека 51% од нив малку, или воопшто не се запознати, а во 2018 година истиот одговор го дале 47% од испитаниците.

На прашањето дали Владата го контролира Собранието, во 2016 година 28% од граѓаните сметале дека Владата има голема контрола врз Собранието, а во 2018 година тој процент пораснал на 32. Само 10% од граѓаните во 2016 година сметале дека пратениците ги застапуваат интересите на граѓаните, а во 2018 истото мислење го имале 7% од граѓаните, што значи дека повеќе 90% од анкетираните граѓани се убедени дека пратениците не ги претставуваат нивните интереси.

Во член 2 од Законот за пратеници јасно стои: „Пратеникот е претставник на граѓаните на Република Македонија и при извршувањето на функцијата пратеник одлучува по свое уверување“. Потоа, во член 4, од истиот Закон се вели: „Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално“, а значајно е да се спомене и член 23: „Пратеникот освен во редовната работа и заседанија на Собранието и неговите работни тела, должен е да остварува: редовни контакти со граѓаните, редовни контакти и консултации со невладини организации, контакти, соработка и консултации со Синдикатот и со здруженија на граѓани, соработка со меѓународни организации и други активности од надлежноста на Собранието, посебно во проучувањето на иницијативите и предлозите за потребата од донесување на закони, други прописи и општи акти“.

Зошто е тоа така предвидено? Затоа што сите овие посебни алки од политичкиот систем кои се погоре споменати, ќе му помогнат на пратеникот да биде што поефикасен во дебатата и предлозите кои ќе произведат јавна политика.

Податоците од истражувањето ни покажуваат дека расте свесноста кај граѓаните за (не)можноста на пратеникот да ја оствари улогата – претставник на граѓаните. Бидејќи имаме сè уште време до следните парламентарни избори, а бурните дневнополитички настани нè застрануваат од важните прашања, фер е да се потсетиме дека политичките партии кои целосно го имаат окупирано општествениот простор и контекст, неминовно мора да ги подигнат критериумите за избор на кандидати за пратеничките листи. Оти, 72% од граѓаните во 2018 година покажале свесност дека пратениците во Собранието се целосно зависни од волјата на лидерите на политичките партии.

Надежта за реалните прогресивни реформи кои ги очекувавме е на минимум. Од тие причини, поставување на граѓани со реален капацитет на кандидатските листи за пратеници на следните парламентарни избори, ќе биде освежување кое е повеќе од неопходно. Нашите политичари се навикнати со своите одлуки да “гаснат пожари”, наспроти фактот дека функционален политички систем се гради со долгорочни и навремени потези, а не со инцидентни одлуки. Како поминува времето, граѓаните сè повеќе ќе осознаваат колку таквите постапки не се од јавен, односно во нивни интерес.

Прочитајте повеќе

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

Драган Ковачки во дебата на национална телевизија ја повтори „по стоти пат“ невистината дека актуелниот …