Препораката за настава со физичко присуство ги „збуни“ студентите, повеќето факултети нема да го менуваат сегашниот модел

Препораката за настава со физичко присуство ги „збуни“ студентите, повеќето факултети нема да го менуваат сегашниот модел

Препораката на Владата наставата на факултетите да продолжи со физичко присуство ги затекна и универзитетите и студентите. Повеќето високообразовни установи кои изминативе две години применуваа комбиниран модел на настава ќе продолжат со истиот до крајот на тековната академска година, но дел од факултетите ја враќаат наставата во амфитеатрите и предавалните.

На 34-тата владина седница што се одржа на 29 март, помеѓу другите олабавени рестриктивни мерки за спречување на ширење на коронавирусот, беше донесен и заклучок дека факултетите можат да продолжат со настава со физичко присуство, со почитување на препорачаните превентивни мерки за превенција од Ковид-19.

„…да се започне настава со физичко присуство на факултетите во земјата со почитување на препорачаните превентивни мерки за превенција од коронавирус, задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување на физичко растојание 1-2 метри, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории, со препорака за вакцинација на студентите и наставниот кадар на факултетите во државата“, стои во соопштението на Владата по одржаната седница.

Овој заклучок донесен од Владата ги „збуни“ универзитетите, односно дел од нив го сфатија само како препорака, додека други го разбрале како обврзувачки. Ова, пак, поттикна реакција од страна на студентите, кои се најдоа затекнати што среде академска година ќе треба да се вратат на настава на факултет.

Студентите од внатрешноста не можат да најдат сместување среде година

Дел од студентите се израдуваа на враќањето на факултет и дружењето со своите колеги, но за повеќето студенти проблемот со враќање на настава со физичко присуство е во тоа што оние кои студираат надвор од местото на живеење и изминативе две години следеле онлајн настава од дома, сега немаат сместување во градовите каде се наоѓаат нивните факултети, па оттука ваквата препорака ги изненадила.

„Нема логика среде година да се враќа присуството на факултет. Не сум против физичко присуство, но не сите студенти се во Скопје, имаат сместување или аплицирале во студентски дом, затоа што тоа се прави на почеток на академската година, а сместувањето на еден студент не е така едноставно и лесно“, реагира студентка на еден од факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

„Што да прават студентите од другите градови? Каде да бараат стан за два месеца? Се надевам дека информацијата не е точна и дека универзитетот ќе го земе и ова предвид“, вели друга студентка.

И додека некои факултети, еден ден по владината седница ги известија студентите дека нема да го менуваат моделот на настава, дел од универзитетите препораката на Владата ја разбрале како „одлука“, па и покрај својата автономија, побрзале да ги известат студентите дека наставата ќе продолжи со физичко присуство.

„Ние сме информирани дека ова не е препорака, туку заклучок на Владата, така што сме немале право на избор освен да почнеме со физичко присуство по завршување на првите колоквиуми“, пишува студент на Економскиот факултет во Прилеп при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО).

Ваква информација од вработените на факултетите им била соопштена и на студенти на дел од приватните универзитети, меѓу кои и на Меѓународниот Славјански (МСУ) и на Европскиот универзитет.

„Мета.мк“ се обрати до Владата на Република Северна Македонија во однос на донесениот заклучок за настава со физичко присуство, од каде велат дека на седницата била усвоена препораката на Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19, но и дека универзитетите се автономни кога е во прашање нивната работа.

„Согласно законската регулатива, високообразовните установи во земјава се автономни кога е во прашање функционирањето и организирањето на работата, така што секој факултет индивидуално одлучува како и на кој начин ќе ја организира академската година – дали тоа ќе биде преку далечинско учење, со физичко присуство или пак, комбинирано“, велат од Влада.

Факултетите на УКИМ нема да го менуваат моделот, УКЛО продолжува со настава со физичко присуство

Се обративме и до дел од државните и приватните универзитети со прашање дали ќе го менуваат моделот на настава во последните два месеца од тековната академска година. Речиси сите универзитети изминативе две години спроведуваа комбиниран наставен процес – со физичко присуство и на далечина, во зависност од спецификите на студиските програми, бројот на студенти и просторните можности на факултетите.

Од најголемиот универзитет во земјава, УКИМ, велат дека ги разгледуваат новите владини препораки и очекуваат мислење од управата на универзитетот, но главен проблем при враќање на настава со присуство е одржувањето дистанца кај групите со повеќе студенти.

„Секако, во периодот што следи, ќе се земат предвид новите препораки од заклучоците на Владата со цел воспоставување на услови за целосно враќање на студентите во предавалните на УКИМ. Во овој момент дилема останува препораката за одржување на физичко растојание од 1-2 метри, што ќе оневозможи големите групи на студенти да ја следат наставата со физичко присуство. Очекуваме дека набрзо ќе добиеме мислење и по ова прашање. Исто така, треба да се има предвид дека не може да се очекува студентите од внатрешноста да се снајдат со престој во Скопје во овој период од годината, односно скоро на крајот од летниот семестар“, вели проф. Христина Спасевска, проректор за настава на УКИМ.

Дел од факултетите на УКИМ, меѓу кои и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Медицинскиот факултет, веќе одлучиле да не го менуваат досегашниот модел на настава, барем до крајот на тековната академска година.

„Согласно одлуката на Наставно-научниот совет на ФИНКИ, летниот семестар во учебната 2021/2022 година целосно ќе се заврши со онлајн настава. Можно е одреден дел од испитите кои имат потешкотии со онлајн полагање да се изведуваат со физичко присуство во јунската испитна сесија“, стои во соопштението до студентите на ФИНКИ.

Промена во начинот на изведување на наставата нема да има ниту на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Економскиот, Правниот, Филозофскиот и Машинскиот факултет.

Од битолскиот УКЛО, пак, по разгледување на заклучокот од владината седница одлучиле наставата на факултетите да продолжи со физичко присуство.

„Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола започнува со настава со физичко присуство со почитување на препорачаните мерки за превенција од коронавирус КОВИД-19, задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување на физичко растојание, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории. Според студентската анкета од почетокот на академската година во врска со прашањето за имунизација, 68 % од студентите одговориле дека се вакцинирани и имаат статус на имунолошка покриеност што говори во прилог на солидна епидемиолошка слика“, вели проректорот за настава на УКЛО, проф. д-р. Љупче Кочоски.

Подготовки за враќање на настава во предавалните и амфитеатрите се прават и на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, од каде велат дека ги следат препораките на Владата и ресорното министерство.

„Моментално работиме хибридно, односно дел од активностите се онлајн, а дел се со физичко присуство во предавалните и лабораториите. Донесена е одлука на ректорската управа со насоки за подготвување на враќање во предавалните во периодот што ни следува. Моментално колоквиумската недела која е во тек и полагањата во Априлската дополнителна сесија која ни следува е препорачано да се организираат со физичко присуство“, вели за „Мета.мк“ Мишко Џидров, проректор за настава и студенти на УГД.

Од Меѓународниот Славјански универзитет, каде студентите реагираа дека им било наложено да се вратат на настава со физичко присуство, во краток одговор за „Мета.мк“ велат:

„Наставата ќе продолжи согласно инструкциите кои ќе ги добиеме од надлежните институции“.

Од Американскиот универзитет на Европа – ФОН, известија дека до крајот на оваа академска година ќе продолжи хибридниот модел на изведување на настава.

„Следната академска година наставата ќе се спроведува со физичко присуство на сите факултети. Сепак, АУЕ – ФОН како универзитет кој ги следи современите движења и потреби на студентите, во академското делување ќе продолжи да ги практикува позитивните придобивки од искуствата со учење на далечина и ќе ги задржи двата модела и во иднина“, велат од АУЕ-ФОН.

Прашања за моделот на настава беа упатени и до Европскиот универзитет, од каде до моментот на објавување на написот, не добивме одговор.

Онлајн наставата ќе биде опција и понатаму

И покрај препораката за враќање на настава со физичко присуство, моделот на далечинско учење и понатаму ќе биде „составен дел“ од наставниот процес на повеќето универзитети. Преминувањето кон онлајн настава изминатиов период ги покажало придобивките и од овој вид учење.

Проректорот за настава на УКЛО вели дека Универзитетот „им препорачува на сите единици при изготвување на новите курикулуми за своите студиски програми да вклучат и можност за изведување на онлајн настава“ за во иднина да бидат пофлексибилни во однос на некои нови непредвидени ситуации.

И Спасевска смета дека онлајн наставата има позитивни страни, но фокусот на УКИМ во иднина ќе биде ставен на враќање на настава со физичко присуство.

„Спроведувањето настава на далечина секако имаше и позитивни страни, но тоа не може да биде замена за настава со физичко присуство. Дури и во услови на пандемија, секаде каде имаше можност, студентите беа присутни на факултетите. Тоа ќе биде случај и во следната академска 2022/23 година“, вели Спасевска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

А што ако Бајден навистина се откаже?

А што ако Бајден навистина се откаже?

Се множат знаците дека американскиот претседател Џо Бајден може да се повлече од претседателската трка. …