Претседателот Пендаровски на Форумот за генерациска еднаквост: Наша обврска е да овозможиме услови за жените и девојките самостојно да носат одлуки за своето тело

Претседателот Пендаровски на Форумот за генерациска еднаквост: Наша обврска е да овозможиме услови за жените и девојките самостојно да носат одлуки за своето тело

Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на Форумот за генерациска еднаквост, посветен на унапредување на родовата еднаквост, што се одржува во Париз. Претседателот Пендаровски се обрати на панелот на тема „Телесна автономија, сексуално и репродуктивно здравје и права“, при што ги претстави националните заложби на Северна Македонија на овој план.

Во продолжение ви ја пренесуваме видео-пораката на претседателот Пендаровски:

Почитувани,  

Mи претставува чест да се обратам на овој Форум за генерациска еднаквост, како важен глобален собир за унапредување на родовата еднаквост меѓу мажите и жените, и клучен момент за преземање обврски од страна на државите во таа насока.

Унапредувањето на човековите права, вклучително и правата на жените е предуслов за развојот на секое општество втемелено врз демократски принципи. Мојата земја е поддржувач на прогресивните политики за родова правда и затоа заложбите и обврските во однос на „Телесната автономија, сексуалното и репродуктивно здравје и права“, беа едногласно прифатени.

Прво, Северна Македонија се обврзува до 2026 година да го зголеми сеопфатното сексуално образование, согласно меѓународните стандарди на Обединетите Нации и во таа насока се подготвени тригодишен Акциски план со пилот-проекти и наставна програма за ученици од 13 до 15 годишна возраст.

Второ, наша заложба е да го зголемиме опфатот на контрацепцијата од 14% на 20%, преку подобрување на пристапот на девојките и жените до советодавните услуги за планирање на семејството, и пристапот до абортус како основно право на жените.

Трето, се обврзуваме до 2026 година да го редуцираме бројот на детските бракови на тој начин што ќе ги оспособуваме девојчињата, адолесцентите и жените да носат автономни одлуки за своите тела и во таа насока ќе ги усвоиме неопходните законски измени и конкретни политики.

Четврто, зголемена поддршка на автономните феминистички и женски организации. 

Паралелно со институционалните решенија, не помалку важна е промената на менталитетот кај граѓаните, на колективната свест за родовата правда, преку елиминирање на табуата што се врзуваат за овие сензитивни прашања. Наша обврска е да покажеме политичка волја и преку континуирани, заеднички активности да овозможиме услови за еманципирање на жените и девојките на глобално ниво.

Почитувани,

За овие прашања не смее да се прават компромиси и да се дозволи каков било вид на дискриминација. Жените и девојките мора да бидат во позиција самостојно да носат одлуки за своето тело, базирани на знаења и информации.

Дозволете да посочам дека Северна Македонија е една од првите земји која ги усвои заложбите на Меѓународната конференција за население и развој презентирани на самитот во Најроби. Настојуваме во националните програми и буџети за сексуално и репродуктивно здравје да бидат земени во предвид потребите на најранливите и маргинализираните групи, вклучувајќи ги и ЛГБТИ лицата, Ромите, лицата со попреченост, сиромашните, сексуалните работници.

Нашата држава од ноември 2020 година е партнер во Акциската коалиција за сексуално и репродуктивно здравје и права и преку претставници од ресорните министерства во Владата активно учествува во активностите на оваа Коалиција.

Во духот на националното мото на Француската Република – Liberté, égalité, fraternité, посакувам и верувам дека овие наши декларирани заложби, ќе бидат успешно остварени, и ќе претставуваат цивилизациска придобивка за идните генерации.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …