Шефот на руската платеничка група Вагнер,Евгениј Пригожин,се закани дека нема веќе да зема заробеници за време на борбите и дека ќе ги убива сите украински војници.
„Едноставно ќе ги уништуваме сите на бојното поле“, рече Пригожин на каналот Телеграм на неговата прес-служба. Тоа го оправда со наводно пресретната радио порака на Украинците, во која разговарале за стрелање на повредени платеници од трупите Вагнер. Пригожин го обвини Киев за кршење на меѓународното право. Кога една страна зема воени заробеници, таа е одговорна за грижа за нив и за нивна безбедност, вели 61-годишникот. Пригожин додава дека со оглед на тоа што тој се држел до тоа, во иднина немало да зема веќе воени заробеници. „Ќе ги убиеме сите што се на бојното поле и нема да земаме веќе заробеници“, се закани претприемачот близок до Кремљ.
Русија ја почна инвазијата на Украина пред 14 месеци. Платеничките трупи Вагнерсе борат на страна на регуларната руска војска и со месеци се активни во регионот на Бахмут. Таму се водат досега најтешките и најкрвави борби во Украина, со големи загуби на двете страни.
Набљудувачите наведуваат дека загубите на руска страна се резултат и на немилосрдната тактика на раководството на Вагнер, кое своите борци – често поранешни осуденици – ги испраќа на бојно поле како живи мети со цел да се извидат непријателските позиции.