Во околината на Велес е пронајдено и телото на Панче Жежовски (74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат, а Вања е земена со неговото возило „цитроен“ кое е подоцна опожарено
По преземени опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје, синоќа во околината на Скопје беше пронајдено безживотното тело на малолетната В.Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27.11.2023, соопштија МВР и обвинителството.
Воедно, во околината на Велес беше пронајдено и телото на Панче Жежовски (74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат, а работел како бербер во градот.
Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.
Претходно, во скопско Бразда беше пронајден автомобилот на Панче Жежовски, 74-годишен фризер од Велес, а возилото било целосно опожарено.
Неговото исчезнување било пријавено во полиција минатиот петок, а неговата ќерка Македонка за ,,Фокус” изјави дека татко и немал здравствени проблеми и сите биле загрижени бидејќи никогаш не се случило да не знаат каде е.
По извршените вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на петте лица, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Во врска со двата случаја, МВР го издаде следното соопштение:
По преземени опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје, синоќа во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната В.Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27.11.2023, а во околината на Велес од страна на полициски службеници од СВР Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица. Претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот. Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, преземени се мерки и активности за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје беше формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје. Извршени се претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени се мобилни телефони, компјутери, возило и др., извршени се бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација, а во истражните дејства секојдневно беа вклучени неколку стотини полициски службеници кои работеа исклучиво на овие случаи. Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации.
Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издадоа наредби за претреси на повеќе локации, обезбедување снимки од видео надзор, лоцирање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзани со настанот. Сослушани се лица кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот е расчистен во однос на осомничените сторители и нивните мотиви. По комплетирање на доказите и наредените вештачења, обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка. Воедно, наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.