Во Собранието денеска напладне се очекува да започне средбата на лидерите на најголемите парламентарни партии во земјата – владејачките СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Левица, партиите од Европскиот сојуз за промени, на која треба да се разговара за претседателските и парламентарните избори 2024 година, но и за евроинтеграциите и техничката влада. На средбата која треба да започне во 12 часот, ќе присуствува и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Најголем дел од парламентарните партии го потврдија присуството на средбата. Првите луѓе на партиите се очекува да го договорат датумот за претседателските и парламентарните избори, а извесно е дека тие ќе се одржат во мај. Лидерите на најголемите политички партии во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.
Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба како една од темите за разговор ги посочи евроинтеграциите, потоа датумот за изборите и Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со став дека е прифатлива лидерска средба, но на која би се разговарало за конечно прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ.
Ковачевски, во саботата рече дека успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга.
Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи синоќа изјави оти смета дека е важно прашањето за уставните измени да се отвори на лидерската средба.
Министерот и портпарол на ДУИ, исто така, рече дека техничкиот премиер ќе биде на предлог на ДУИ и дека може да биде Талат Џафери, но дали ќе биде, сепак за тоа треба одлука од органите на партијата, кои, како што рече, ќе се состанат следнава недела.