РУСКИ РУЛЕТ

РУСКИ РУЛЕТ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

Демократскиот капацитет на политичарите од власта е правопропорционален на интелектуалниот потенцијал и граѓанската свест на просечниот гласач во државата. Имајќи го во предвид кажаното, не треба да нѐ чуди што во највисокиот ешалон на власта имаме луѓе со потпросечен човечки, морален и стручен капацитет.

Има ли поголемо понижување за една држава од тоа осмооделенецот Елвис Бајрам да го имате 8 години на чело на една општина? Или неговиот татко, осудениот криминалец Амди Бајрам, 20 години во законодавниот дом? Или најголемиот мафијаш кој било кога виреел на македонска почва, Никола Груевски, 10 години во премиерскиот кабинет? Или безгласната буква и покорниот слуга на Фамилијата, Ѓорге Иванов, два мандата во претседателската вила на Водно?

Кога после наброената политичка „елита“ ќе подвлечете црта, првата мисла која ќе ви падне на памет е – добро е што покрај вакви воопшто и имаме држава! Каква-таква држава. Оти за овој каков-таков народ, и таа е многу.

Долга е листата на хохштаплери, криминалци, крвници и џелати кои затскриени зад партиските и државните функции, во името на „повисоките цели“, ја пљачкаат родената земја небаре ѝ се најголеми душмани. Немаат милост ни кон сопствениот народ. Ако се прашуваат тие, дел од тој каков-таков народ може слободно да умре, да исчезне од лицето на земјата, во најдобар случај да се исели од државата. Што, впрочем, и се случува. Оној другиот дел, стадото, им треба само како алатка за останување на власт. Во нивните очи тие се обични подвижни гласачки ливчиња чија единствена задача е да стигнат до гласачките кутии. И да преживеат до следните избори.

На врвот на пирамидата на криминалот, омразата и злобата се наоѓа ТОЈ – џелатот, мизантропот, причината за сите несреќи и зла кои во последната деценија ги навасала граѓаните на нашата држава. Чедото на мајка Нада, сопругот на Боркица, братучедот на бате Саше, кумашинот на Ставрески, главата на мафијата. Оној кој провизиите не ги смета во проценти, туку во милиони евра. Тој кој објектите на неистомислениците ги руши со динамит, фасадите ги украсува со нешто како мермер ама што не е мермер, среброљубецот кој плацовите на Водно си ги црта и присвојува како да се сермијата од татко му Тало во Крушоради.

Тоа е истиот тој Грујо кој ставовите за Албанците, ЕУ и САД ги менува побрзо од чорапите. Во зависност од дневнополитичките потреби, еднаш „клетите Шиптари“ ги третира како нужно зло, друг пат како браќа со кои треба да имаме соживот, трет пат како „плашила“ кои сакаат двојазичност, федерализација, кантонизација… Кога му даваат пари, ЕУ и САД за него се „стратешки партнери и пријатели на Македонија“. Кога го критикуваат прераснуваат во „душмани од курвата Вавилонска и корумпирани дипломати кои се мешаат во внатрешните работи на државата“… И така до недоглед.

После две години од стартот на „бомбите“ на Заев, и формално и фактички, Грујо никогаш не бил поблиску до излезната врата од зградата на „Илинденска“, што по автоматизам значи дека е поблиску до една друга врата, до влезната на КПД „Идризово“. Таквиот факт на кој во голема мера и сам му кумуваше со лошата проценка за хистеричната антиалбанска кампања од декемвриските избори, го прави џелатот уште понервозен и го доведува во ситуација од која нема враќање назад. Токму затоа никој не треба да има дилеми оти е спремен да стави сѐ на една карта само за да ја спаси сопствената кожа. Само сопствената. Ниедна друга.

Сега кога е речиси дефинитивно јасно оти Ахмети го пушти низ вода и кога Вашингтон и Брисел ја кренаа рачната, на Грујо не му останува ништо друго освен да ги (зло)употреби институциите кои сѐ уште ги контролира: Претседателот на државата и Собранието. Со оглед на тоа што привремениот станар на вилата на Водно е аморфно суштество оперирано од чувство за одговорност, а во собраниските клупи седат теледиригирани марионети, располагањето со гласот и душите на гореспоменатите му го проширува маневарскиот простор за играње мајтап со иднината и на граѓаните, и на државата. И тој тоа го прави на највулгарен начин, без трунка срам или грижа на совест за последиците кои ќе произлезат од „рускиот рулет“.

Оттаму, мавтањето со прст и покажувањето мускули на странските амбасадори и не е нешто неочекувано од негова страна. Како класичен пример на очаен политичар кој го губи тлото под нозете, спасот го побара на исток. И уште еднаш згреши. Бидејќи ако постоеше макар и минимална шанса за обновување на „бракот“ со Ахмети, сега повеќе и таа ја нема. Оти, сте слушнале некогаш, било кога, албански политичар од поширокото опкружување да ја преферира Русија пред САД? Тоа што официјална Москва покажа „загриженост“ за состојбите во Македонија ем е мачкање очи, ем е од привремен карактер.

Многу скоро ќе стане јасно дека „интересот“ за џелатот е, всушност, интерес за пренасочување на украдените пари од рајските острови кон руските степи. Или некаде во Москва, во блиското соседство на Мира Марковиќ и нејзиното чедо Марко Милошевиќ.

Автор:

Чеге Вара                                        Прилеп, ебаго!…….(140)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …