Успешен настап на 12-годишниот Андреј Ѓурчиновски на Европското првенство во билијард за младинци

Успешен настап на 12-годишниот Андреј Ѓурчиновски на Европското првенство во билијард за младинци

На Европското првенство во билијард за младинци кое се одржува во Бугарија, Андреј Ѓурчиновски дебитираше како прв Македонец што настапил на Европско првенство за младинци. Дополнително, Ѓурчиновски го носеше товарот на неискуството, бидејќи со своите 12 години настапуваше во категоријата на играчи до 17 години!

Европското првенство се играше во три натпреварувачки дисциплини, популарно наречени „осумка“, „деветка“ и „десетка“. Вкупно беа пријавени 140 учесници, распределени во четири конкуренции: поединечно до 17 и 19 години (машки), поединечно до 19 години (женски) и екипно.

Ѓурчиновски играше во сите три натпреварувачки дисциплини и се соочи со далеку повозрасни и поискусни ривали. Стартуваше со две победи во дисциплината „десетка“, со што извојува пласман во најдобрите 32 играчи. Најпрво го совлада Словенецот Блаж Рус со 6:2, а потоа Италијанецот Давид Сини со 6:5, за во елиминационата фаза да се сретне со Полјакот Адам Сваџба, од кој загуби со 6:4.

Во дисциплината „осумка“, Ѓурчиновски повторно стартуваше со победа над Французинот Јан Гузин со 6:4, а потоа и со Норвежанецот Дидриг Вога Берг со 6:5. Во елиминационата фаза повторно влезе меѓу најдобри 32 натпреварувачи, каде доживеа пораз од Германецот Ерај Син со 6:3.

На крајот, во дисциплината „деветка“, Ѓурчиновски загуби од Рику Ромпанен од Финска со 7:3 како и од Германецот Феликс Фогел со 7:2, кој освои злато во дисциплината „десетка“.

„Ова беше прекрасно искуство и делува мотивирачки кога знам дека не заостануваме зад ривалите. Видов дека и меѓу најмладите има врвни професионалци, дисциплинирани играчи кои работат со тренери и психолози за да напредуваат на секое поле. Сакам да се заблагодарам до Агенцијата за млади и спорт, но и до БСК ‘Гран Клуб’ и Билијард федерацијата на Македонија, кои ми овозможија да настапам на ова Европско првенство“, изјави младиот Андреј Ѓурчиновски.

„Успесите на Андреј ја израдуваа спортската јавност во Македонија. Да се оствари победа на Европско првенство е нешто што тешко им оди дури и на сениорите. Андреј е на вистинскиот пат и неговите успеси и’ даваат смисла на нашата работа“, рече Димитрие Маневски, претседател на Билијард федерацијата на Македонија.

На почетокот од летото, на Европското првенство во снукер Македонија беше претставена од пет играчи, еден во младинска и четири во сениорска конкуренција. Активностите продолжуваат со организацијата на Петтиот мастерс од државното првенство во билијард, кој е предвиден да се игра во првиот викенд од септември.

Прочитајте повеќе

Супербоул: Канзас Сити ја одбрани титулата во НФЛ

Супербоул: Канзас Сити ја одбрани титулата во НФЛ

Екипата на Канзас Сити Чифс ја одбрани шампионската титула во НФЛ, откако ноќеска во Лас …