Возила пат

Забраната за увоз на половни возила под ЕУРО 5 стандарди се одложува за 2022 година

Ветувањето на министерот за економија Крешник Бектеши од јануари дека Македонија годинава ќе го забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисија на издувни гасови сепак нема да се оствари. Наместо годинава, најновите информации од Министерството за економија се дека забраната за увоз на возилата постари од 10 години би се вовела во 2022 година.

„Во рамките на Министерството за економија е во завршна фаза анализата на правилниците кои произлегуваат од Законот за возила, а го регулираат увозот на моторните возила. Воедно се определуваат техничките спецификации кои треба да ги исполнуваат возилата при увоз за да биде задоволен најмалку ЕУРО 5 стандардот. Се очекува правилниците да бидат донесени на почетокот од идната година“, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за економија.

Одложувањето на забраната за увоз на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди доаѓа заедно со одолговлекувањето на цела серија од законски мерки и ограничувања, кои треба да го дестимулираат користењето на овие возила. Па така, веќе три години наназад не се спроведува најавената мерка за воведување на еколошки налепници за сите возила во земјава, со што во услови на енормно загадување ќе им се оневозможи да се движат на оние превозни средства кои испуштаат најмногу штетни честички во воздухот.

„Мета.мк“ веќе објави дека лани во земјава биле регистрирани 500.633 патнички моторни и приклучни возила, односно за една деценија бројот на регистрирани возила во Македонија се зголемил за дополнителни 150.000. Она што најмногу загрижува е порастот на просечната старост на возилата во земјава, која во 2020 година достигнала 19,4 години.

Увозот на половни возила продолжува, а податоците на Царинската управа велат дека импортерите успеале да внесат 20.505 половни возила во периодот јануари-јуни 2021 година, додека како нови неупотребувани возила во овој период се увезени речиси тројно помалку, односно 3.410.

Забраната на увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди би оневозможила во Македонија да пристигнуваат автомобили и други превозни средства кои се произведени пред 2011 година, односно ќе се забрани увоз на возила постари од 10 години. Ваква регулатива веќе спроведува Босна и Херцеговина од средината на 2019 година, додека Албанија ваква забрана воведе од 1 јануари 2019 година.

За разлика од овие две земји, во Србија владеат помалку строги стандарди, така што северниот сосед во моментов забранува увоз на возила со под ЕУРО 3 стандарди. Ова значи дека во земјите од Западен Балкан постојат различни критериуми за увоз на стари возила, кои овозможуваат одредено количество на овие превозни средства кои веќе се забрануваат во Европа, да се реимпортира меѓу овие земји.

Да потсетиме, „Мета.мк“ во неколку наврати периодов веќе пишуваше дека поради зголемувањето на стапката на моторизација на населението во земјава растат и емисиите на стакленички гасови од транспортот, кои доведуваат до климатските промени. Ако се погледнат податоците во секторот Енергетика, во 1990 година транспортот имал удел од 8,2 отсто во создавањето на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид, додека во 2016 година неговиот процентуален удел се зголемил на дури 28,1 отсто.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Европска (не)перспективност пред посетата на Урсула фон дер Лајен

Европска (не)перспективност пред посетата на Урсула фон дер Лајен

Најавата за посета на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на Северна Македонија …