Заев и Филипче на врачувањето на признанијата за 8.500 здравствени работници: И во 2021 вие сте хероите во борбата со КОВИД-19

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од КОВИД-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.

На настанот на кој започна со едноминутно молчење во спомен на починатите од КОВИД-19, премиерот Заев истакна дека беа преземени соодветни и ефикасни мерки за да се запре фаталната природа и непредвидливоста на вирусот, да се намалат ризиците и да се пружи соодветна терапија и медицинска нега на заболените.

„Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој. Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници“, нагласи претседателот на Владата Заев.

Премиерот додаде дека со помош пожртвуваноста и посветеноста на здравствените работници беше реорганизирано раководењето со државата со единствена цел – да се стават сите ресурси во заштита на здравјето на сите на наши граѓани.

Посебно внимание, потенцираше Заев, беше посветено на вложувањето во човечкиот капитал во здравството и во најкритичните години, за време на пандемијата во буџетите за здравство, образование и социјална заштита беа инвестирани повеќе од 300 милијарди денари.

„Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници ги ставивме на врвот на нашите приоритети. Резултатите од реформските мерки во здравството и од ковид мерките докажаа дека инвестиравме таму каде што било најпотребно – во луѓето, во опрема и во болници. Како никогаш досега ги зголемивме платите во јавното здравство. Го вративме достоинството на здравствените работници и им овозможивме подобри услови за работа. Основната плата на лекарите специјалисти се зголемени за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%, на општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%. Вашата посветеност, вашата макотрпна работа во борбата да се спаси секој човечки живот се вредни за секоја пофалба и благодарност, но и за заслужена конкретна финансиска поддршка“, рече Заев пред здравствените работници.

Како континуитет на овие политики, истакна Заев, Владата продолжува да испорачува резултати за граѓаните на својата држава. Во таа насока и во Буџетот за 2022 година здравството и здравјето на граѓаните е првиот од четирите приоритети: Да го зајакнеме финансирањето на јавното здравство со зголемени плати на вработените во јавните здравствени установи, заедно со економското заздравување со Планот за економски раст, фискалната одржливост и порастот на јавните инвестиции и поддршката на институционалните реформи и европските интеграции.

„Инвестициите во човечкиот потенцијал се клучни за унапредување на квалитетот на здравствените услуги за сите граѓани, но тие мора да одат заедно со капиталните инвестиции во здравствениот сектор. Токму затоа континуирано ги подобруваме условите во болниците и вложуваме во изградба на нови. Одвоивме повеќе милијарди денари за капитални инвестиции во здравството затоа што мора да инвестираме во пристојни и модерни услови за лекување. Повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа. Ги создаваме сите предуслови пациентите да добијат достоен и модерен пристап до здравствена заштита, а вработените достоинствени услови за работа“, потенцираше Заев.

Во завршницата на своето обраќање Заев додаде здравјето и лекувањето на пациентите, остануваа во врвот на приоритетите и во наредниот период и изрази убеденост дека ќе продолжат политиките за максимална здравствена заштита и нега со обезбедување на модерно здравство.

„Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите пациенти. Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со КОВИД-19 вие сте хероите“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче во своето обраќање нагласи дека иако медицинскиот кадар целосно се посвети на борбата со пандемијата во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервенции, а лекови и терапија обезбедуваме во континуитет за сите пациенти.

„Секој ден не ни беше борба само со корона, туку и организација на здравствениот систем, секојдневни контакти со колегите, консултации за пациенти, долги состаноци за координација, тешки одлуки и лични судбини кои секогаш допираат.. И потоа повторно нов ден пред нас…“, рече Филипче во своето обраќање.

Тој додаде дека сите здравствени работници покажаа високо ниво на професионалност, сплотеност и колегијалност и во ниту еден момент не потклекнаа под притисокот.

„Часови поминати во скафандери, секојдневно соочување и со болеста, и со смртта. Здравствените работници не се прашуваа дали сакаат да работат во ковид, дали се самохрани родители на малолетно дете, дали имаат ризик во семејството, дали ги загрозуваат своите најблиски со тоа што секојдневно се во допир со болеста. Вие, не знаевте за одмор, за оддишка, за викенд, слободен ден со семејството, пријателите, вие почитувани колеги знаевте само за едно, и бевте насочени само кон едно – лекување на пациентите. Светската пандемија наметна ново темпо на работа, а во неа здравствените работници немаат работно време“, истакна министерот Филипче.

Филипче уште додаде дека последните недели во континуитет се бележи пад на бројот на новодијагностицирани случаи и процентот на позитивни од тестирани, се намалува и бројот на хоспитализирани, а со тоа е спласнат и притисокот врз болниците и дека се надева дека овој тренд ќе продолжи.

„Патот по кој чекоревме заедно изминатиов период беше непредвидлив и тежок на секој нареден чекор, ви благодарам за поддршката и довербата која ја имав од вас, заедно реализиравме многу, на некои проекти дури ни пандемијата не можеше да им го попречи патот. Ви посакувам многу здравје, успех и да опстоите во понатамошните предизвици“, потенцираше министерот за здравство Филипче во своето обраќање на настанот на кој на директорите на клиниките им беа предадени плакетите за над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.

На настанот во име на здравствените работници се обрати и Александра Георгиева, специјализант на Клиниката за кардиологија, којашто упати апел до граѓаните да се вакцинираат со што ќе им оддадат благодарност на најдобар начин на здравствените работници.

Од името на сите здравствени работници на оваа пригодна церемонија на премиерот Заев му беше врачена уметничка слика од авторот Мерсад Бербер како благодарност за неговата поддршка на здравствените работници и јавното здравство во битката со пандемијата.

Прочитајте повеќе

СДСМ

На Денот на македонскиот јазик со гордост велиме: СДСМ го заштити и го унапреди македонскиот јазик

Соопштение за јавност на СДСМ Со многу посветеност, труд и ентузијазам СДСМ ги исполни заложбите …