Здрави млади луѓе за здраво општество

Здрави млади луѓе за здраво општество

Пишува: Сотир Габелоски

Да се вложува во младите не е залудно. Искреното инвестирање наместо експериментирање, носи иднина за младите, создава здрава младина и здрави млади луѓе кои се најдобар гарант за иднината на државата.

Настаните кои се случуваа некаде далеку од нас и кои до скоро ги гледавме преку медиумите, дојдоа блиску до нас. Пред само некој ден во Србија се случи страшен масакр, на кој веќе следниот ден се надоврза уште еден. Огромен број на луѓе на социјалните мрежи ги коментираа трагичните настани, иако темата е чувствителна и за неа дури најстручните лица тешко доаѓаат до вистинските причини за настаните.

Ќе ги искористам овие грозоморни чинови, кои долго ќе останат во нашите глави, за да ја потенцирам важноста од инвестирање во воспитувањето, образованието и социјализацијата на младите. Но, во ниту еден момент нема да ги коментирам самите настани, како ни причините за нивно настанување.

Не за џабе младите, младинските организации, Националниот младински совет бараат создавање на локални младински совети во општините, назначување и отворање на простор за работа на службеници за млади во државните институции, младински центри… Тоа е инвестирање во младите и во нивниот развој, за да преку неформално образование се придонесе кон создавањето здрави личности.

Но, тука е и формалниот дел од личната надградба и воспитување. Формалното образование не смее да биде предмет на експериментирање преку внесување на програми без претходно информирање и консултација. Инвестирање во квалитетен кадар кој, не само што ќе создаде експерти за различни области, туку со своето однесување ќе бидат и пример за младите.

Барањата на младите не се бесцелни. Проблемот е во потценувањето на младите од страна на главните фактори за спроведување на политики и реформи. Видовме што младите можат да направат и на што се способни. Од позитивни примери на глобално ниво, до екстремно негативни, како споменатите два случаја во соседна Србија.

Крајно време е за сериозни инвестиции во оваа категорија на граѓани, кои значат влог во градењето здраво општество. Вредностите се градат преку соодветно планирање и имплементирање, а не експериментирање. Сите барања на младите, особено оние кои се обврски согласно Законот за младинско учество и младински политики, треба да се сфатат сериозно и да бидат ставени во делот на приоритетни за имплементирање.

И тогаш кога влогот заедно со формалното образование ќе се интензивира од година во година, дури тогаш може да се надеваме на создавање иднина во здраво општество, општество засновано на вистински вредности.

Младински центри, локалните младински совети, канцелариите за млади, службениците за млади, работата на младинските организации, неформалното образование и барањата за подобрување на формалното образование, се суштината на задржување на младите и нивно интегрирање сите општествени процеси во Македонија.

Сите претходно наведени работи треба да бидат дел од стратешките приоритети, ако сакаме да зборуваме за општество кое сака да биде здраво. Се’ друго е декларативна заложба.

Затоа, здрави млади луѓе се основата за здраво општество!

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …