протест косово

Хрватското разузнавање: Концептот „Српски свет“ го загрозува суверенитетот на земјите од регионот

Хрватската безбедносно-разузнавачка агенција посочува дека овој концепт е особено насочен кон Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија

Србија продолжила во 2022 година да го шири концептот „Српски свет“ во земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, се наведува во годишниот извештај на Агенцијата за државна безбедност и разузнавање на Хрватска за 2022 година. Главната цел на овој концепт е ширењето на српското политичко, економско, културно-религиозно и друго влијание во соседните земји, каде што живее српско население, пишува црногорскиот весник Побједа.

Хрватската безбедносно-разузнавачка агенција посочува дека овој концепт е особено насочен кон Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија. Според хрватската агенција, по војната во Украина, во Западен Балкан е отворен простор за влијание на незападни актери, кои се обидуваат да ја искористат нестабилноста и неразвиените државни и општествени институции во земјите за да ја зајакнат својата „мека моќ“, да ги прошират сопствените интереси и проекти, а понекогаш и да доведат и до дополнително забавување на евроатлантската перспектива на овие земји.

„Па така, Русија своето влијание во Западниот Балкан се обидува да го пренесе првенствено преку Србија и Република Српска во Босна и Херцеговина. Русија се обидува да влијае во овој регион и со нетрадиционални алатки. На пример, на подрачјето на Западен Балкан постојат клубови „Ноќни волци“, кои се создадени по моделот на мото-групата „Ноќни волци“ од Русија, која е блиска до Кремљ и рускиот претседател Путин“, стои во извештајот на хрватската безбедносно-разузнавачка агенција.

Во опсежниот текст на „Побједа“ се наведува дека „Ноќните волци“ од Русија се вметнати на списокот на санкции на ЕУ уште од 21 јули 2022 година и на нив им е забранет влез во земјите-членки на ЕУ поради ширењето на руската пропаганда и антиукраинските кампањи. Од друга страна, токму членовите на „Ноќните волци“ често се учесници на просрпски и проруски протести во Србија, Црна Гора и Република Српска во Босна и Херцеговина.

„Русија, исто така, се обидува да го задржи своето медиумско-пропагандно влијание врз подрачјето на Западен Балкан, каде што се обидуваат да го промовираат својот наратив и да поттикнуваат конфликти, особено во односите меѓу Србија и Косово“, се наведува во годишниот документ.

Особено ранлива во ширењето на концептот „Српски свет“ е Црна Гора, каде постои длабока поделба меѓу две струи – патриотската прозападна струја и просрпската и проруска струја, се наведува во извештајот на Агенцијата за државна безбедност и разузнавање на Хрватска.

„Оваа општествена поделеност се одразува и на нестабилните политички услови, што резултираше со падот на минатата влада. Односот меѓу Црна Гора и Српската православна црква во Црна Гора е едно од клучните општествено-политички прашања што го дели црногорското општество и го доведува во прашање црногорскиот национален идентитет, државниот суверенитет и надворешнополитичката ориентација“, пишува во извештајот на хрватската безбедносно-разузнавачка агенција.

Прочитајте повеќе

Пленковиќ доби мандат за формирање влада на Хрватска

Пленковиќ доби мандат за формирање влада на Хрватска

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го прими премиерот и лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј …