Денеска на средното училиште „Лириндија – Преродба“ од општина Долнени, му беа доделени 2.000 книги на албански јазик, кои беа во сопственост на Домот на култура „Наум Наумовски – Борче“ од Крушево.
Околу 80 отсто од донираните книги се стручна литература, додека останатите се белетристика.
Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски рече дека општина Долнени е една од општините со кои Крушево има најголема соработка, а овие книги треба да произведат нови кадри од повеќе области.
„Доделуваме околу 2.000 книги на албански јазик, за да покажеме дека инвестираме во образованието и негувањето на различните јазици, како во овој случај албанскиот. Овие книги треба да произведат нови кадри од областа на правото, медицината и други сфери и истите се наменети за повеќе заедници и јазични групи“, истакна Христоски.
Градоначалникот на општина Долнени, Џемил Ќамили изјави дека веднаш штом дознал за овие книги стапил во контакт со градоначалникот на Крушево и се согласиле книгите да и’ се донираат на долненската Гимназијата.
Директорот на средното училиште „Лириндија – Преродба“, Решад Асани порача дека книгите и образованието можат само да ги зближат луѓето и народите. Во знак на благодарност, Асани им додели благодарници на општините Крушево и Долнени и на Домот на културата од Крушево.
Општина Крушево и општина Долнени веќе соработуваат во проектот за реконструкција на патот меѓу селата Борино и Житоше, чија реконструкција ќе започне во текот на овој месец.