НАТО се подготвува за вториот бран на ковид-19

НАТО се подготвува за вториот бран на ковид-19

Со спремни залихи медицинска опрема, посебен фонд и нов оперативен план, НАТО се подготвува за вториот бран на пандемијата на ковид-19. Ова е една од четирите точки на тридневниот состанок на сојузничките министри за одбрана, кој се одржува од 16 до 18 јуни преку видеоконференциска врска. Подготовката за вториот бран ќе биде главна тема на денешната сесија.

Од почетокот на пандемијата, НАТО организирал околу 350 летови на воени транспортни авиони кои пренеле стотици тони медицинска опрема и материјали за помош на сојузниците, триесетте членки поставиле околу 100 теренски болници како поддршка на цивилните, а повеќе од половина милион војници се вклучиле во борба со пандемијата, како поддршка на цивилните структури во земјите-членки на НАТО.

– Сега се подготвуваме за втор бран. И правиме три нешта. Договараме оперативен план кој ќе ни овозможи да го засилиме начинот на кој ги координираме напорите и да бидеме уште побрзи во пружањето помош на уште подобар и покоординиран начин. Правиме залиха на опрема, зашто ја видовме потребата да имаме спремна, достапна опрема. И основаме фонд за да ни помогне во финансирањето на нашите напори – рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на синоќешната прес-конференција по првиот ден од состанокот на министрите за одбрана.

На состанокот се дискутира и за засилување на националните капацитети, одговор на новите нуклеарни капацитети на Русија, и за мисиите и операциите на Алијансата, особено во Ирак и Авганистан.

НАТО во април, на првиот состанок со Северна Македонија како полноправна членка, усвои посебен сет мерки за поддршка на цивилните власти во справувањето со пандемијата. Од почетокот на пандемијата, нашата земја испрати барање до Центарот за координирање на одговор на несреќи со список на медицинска опрема и материјали кои ѝ се потребни за справување со пандемијата. Сојузниците оттогаш доставија голем дел од помошта. Истовремено, АРМ се вклучи во поддршка на цивилните структури, меѓу другото, и поставувајќи теренска болница, првенствено наменета за операции во странство, покрај Клиниката за инфективни болести во Клиничкиот центар во Скопје.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

израел хамас газа

Обединетите нации бараат истрага по откривање на масовни гробници во болниците во Газа

Полковникот Јамен Абу Сулејман, директор за цивилна одбрана во Кан Јунис, тврди дека некои од …