хрватска мост

Пељешки мост од босанска перспектива: Прво ќе биде потешко, па подобро

Хрватите го досонуваа својот сон, а граѓаните на Неум добија бесплатна туристичка атракција. Што им носи Пељешки мост на жителите на единственото босанско гратче на Јадранско Море?

Стотици камери од Неум, Босна и Херцеговина, го снимаа спектакуларниот огномет и отворањето на Пељешки мост во соседна Хрватска. Како некаква врамена слика, далеку на морскиот хоризонт, осветлениот Пељешки мост се чини како да го збогати погледот од неумските тераси, во кој уживаати  жителите на Неум и нивните гости, со кои овој град е преполн и ова лето.

Пељешкиот мост може да пропушта крузери, но неумчани не ги сакаат

Од Мостар, преку Столац до Неум, од неодамна може да се стигне по новоотворениот магистрален пат Столац-Неум, долг 36 километри, во кој се вложени 96,5 милиони евра. Овој пат го скрати за половина час патувањето до единствениот град во Босна и Херцеговина кој е на Јадранското Море. Ако ништо друго, горештините, со температури над 40 степени, полесно се поднесуваат на новиот пат, отколку бесконечното „труцкање“ по кривулестиот, тесен пат до неумските плажи.

„Неум е поврзан со континенталниот дел на БиХ“, беше речено на отворањето на овој пат. Слични зборови се изговараа и на отворањето на Пељешкиот мост.

Kroatien Komarna | Peljesac-Brücke, NeubauДали отворањето на Пељешкиот мост ќе му донесе на Неум корист или загуби?

Но, работите околу изградбата на Пељешки мост не поминаа без проблеми меѓу соседите, БиХ и Хрватска. По гласното негодување од некои политичари од БиХ поради изградбата, сега – молк. Ставовите на оние кои тврдеа дека со изградбата на мостот и поврзувањето на јужниот дел на хрватското крајбрежје ќе се затвори излезот на Босна и Херцеговина на отворено море, се покажаа како „климави“.

Ова на крајот на јуни го „докажа“ еден од најголемите бродови за крстарење во светот, крузер долг 237 метри со речиси 1.800 патници, кој вплови во водната област Неум под Пељешкиот мост. Но, жителите на Неум не беа премногу импресионирани и организираа протести.

Многу луѓе се прашуваат зошто неумчани не сакаат туристи од крузерите, кои им носат пари.

„Ако сакаш живот и иднина, работиш поинаку“

Никола Пркачин, активист кој ги организираше протестите, за ДВ вели: „Ова беше вин-вин ситуација за Хрватска и Босна и Херцеговина. Вплови брод со огромни димензии и не треба да си поморски експерт за да видиш дека нему местото не му е таму. Со впловувањето, Хрватска докажа дека под мостот можат да впловат и најголемите бродови за крстарење и така ги демантираа спротивните ставови на политичарите од Сараево. Во сето тоа губат неумчани“.

Со коментар дека слабите морски струи и плиткиот неумски залив не можат да го издржат длабокиот „бродски газ“ (длабочина до која стигнал трупот на бродот, н.з.) и загадувањето што го носат крузерите, загрозувајќи го целиот екосистем, Пркачин многу сликовито ја објаснува целата ситуација:

„Некои велат ‘треба да се земат пари’, но тоа не е баш така. Ако сакаш само пари, отвори место за депонирање на радиоактивен отпад, но ако сакаш живот во здрава животна средина, тогаш работиш поинаку. Ние го наследивме ова, не само ние, туку и БиХ, и мораме да дадеме сѐ од себе да го зачуваме за во иднина“.

Kroatien - Eröffnung der Pelješac-BrückeНикола Пркачин: Ако сакаш само пари, отвори место за депонирање на радиоактивен отпад, но ако сакаш живот во здрава животна средина, тогаш работиш поинаку

Позитивната и негативната страна на Пељешки мост

Крузерите, сепак, не се главна тема, туку се тоа одговорите на тоа што на Неум му носи или одзема Пељешкиот мост.

„За нас е позитивно што нема да имаме толкав сообраќаен притисок во овие месеци, така што добро е да се растовари сообраќајната инфраструктура. Она што секако ќе има негативен ефект, тоа се дуќаните и угостителските објекти покрај самиот автопат, кои ќе имаат одреден пад на прометот, но мислам дека намалувањето нема да биде толку големо за дуќаните да мора да затворат. Имавме корона и мерки на ограничување на сообраќајот, па го поминавме тој прв тест на работење без интензивен сообраќај и се покажа дека нема значителни загуби“, коментира за ДВ градоначалникот на општина Неум, Драган Јурковиќ.

Тој смета дека развојот на туризмот ќе ги надомести загубите, а особено во овој контекст го споменува новоотворениот магистрален пат Неум-Столац, кој носи и повеќе туристи.

Додека некои политичари од БиХ сметаа дека Пељешкиот мост ќе го спречи влезот на крузери, градоначалникот на Неум не ги сака. „Не бевме одушевени во врска со крузерот, бидејќи не се гледаме себеси во таков туризам. Сакаме да се потпреме на одржлив туризам кој не го загрозува квалитетот на водата и подводниот биодиверзитет. Го имаме Малостонскиот канал, водената област Неум, две специфични области каде што не е добро да влегуваат големи бродови, особено не со големина каква што имаше крузерот неодамна. Како локална заедница порачуваме дека не сакаме ни пристаниште во Неум. Работиме на стратегија за развој на општината каде сакаме туризмот да го позиционираме на здрави, еколошки одржливи темели и да го зачуваме овој дел од морето. Ако не ја заштитиме животната средина и морето, за неколку години ќе биде доцна“, заклучува градоначалникот на Неум.

Kroatien - Eröffnung der Pelješac-BrückeГрадоначалникот на општина Неум, Драган Јурковиќ, смета дека развојот на туризмот ќе ги надомести загубите

Добивка или загуби?

Дали отворањето на Пељешкиот мост ќе му донесе на Неум корист или загуби? Продавачката во блиската пекарница на автопатот немаше време за разговор околу тоа. „Ќе биде помалку. Ќе видиме“, кратко одговори таа на прашањето дали очекува намалување на прометот.

Бранимир Бутиган, претседател на Здружението на хотелиери на општина Неум, има оптимистички одговор на ова прашање. „Секако дека отворањето на мостот ќе има и позитивни и негативни страни, но убедени сме дека позитивното сепак ќе надвладее, иако прво ќе се почувствуваат негативните последици. Ќе има олеснување на сообраќајот, каде од долниот до горниот дел на градот патувањето веќе нема да трае 30 минути, нема да има притисок врз градската инфраструктура, а жителите и нашите туристи ќе можат послободно да се движат и.т.н. Но, верувам дека сепак сообраќајот нема да се пренасочува стопроцентно преку Пељешки мост, многумина ќе патуваат преку Неум“, вели Бутиган за ДВ.

И додека неумчани, како што изгледа, едвај го дочекаа отворањето на Пељешки мост, жителите на околните градови во соседна Хрватска конечно го дочекаа својот – живот. Токму така го нарекуваат мостот.

Kroatien - Eröffnung der Pelješac-BrückeБранимир Бутиган, претседател на Здружението на хотелиери на општина Неум

„Живеевме во среден век – мостот е живот“

Жељко Скокандиќ, од Трпањ на Пелешец, за ДВ вели: „Пељешкиот мост за Пелешец ќе значи живот, сѐ. Како прво, комуникациски бевме во средниот век. Зависевме од мал пат и траект. Живеам во Трпањ, каде што има траект на линијата Трпањ-Плоче и секој викенд во лето сме целосно блокирани поради гужви, а да не зборувам колку време ни треба да стигнеме до граница. Сега ќе почнеме да дишеме, а за десет години Пелешец сигурно ќе биде чудо“.

– повеќе: Германците купуваат недвижности во Хрватска

На отворањето на мостот во Комарно дојде и Габриела Гегабалун од Шибеник. „Ова е историски настан, северот и југот на Хрватска конечно се споија. Голема работа е што конечно можеме слободно да поминеме низ сопствената земја без граници или без да влегуваме во друга земја“, вели таа за ДВ.

Меѓу многуте мештани има и работници на кинеска фирма-изведувач, со кои мештаните сакаат да се фотографираат. Велат дека се и среќни и тажни – среќни затоа што наскоро ќе си одат дома кај своите семејства, а тажни затоа што запознале добри луѓе во Хрватска.

Kroatien - Eröffnung der Pelješac-BrückeРаботниците на кинеската фирма-изведувач се среќни што ќе се вратат да ги видат семејствата, но и тажни поради тоа што мора да се збогуваат со познаниците во Хрватска

„Мостот никако не е на штета и за инает на БиХ“

За само неколку дена, брегот на БиХ беше сообраќајно поврзан со остатокот од земјата, а соседна Хрватска го поврза својот југ, сето тоа со значителни пари од Европската унија, која продолжува да инвестира во транспортната инфраструктура и поврзувањето на овие две земји.

Еден жител на Неум има многу интересен став за тоа: „Зошто постојано велат дека сите полесно ќе одат во Пелешец? Па, и тие ќе стигнат полесно до нас“.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, по бројните „запаливи“ изјави, на отворањето зборуваше со многу поблаг тон за своите соседи.

„Мостот е изграден во интерес на Хрватска и нејзините луѓе, но никогаш и никому за инает и на нечија штета, особено не на штета на Босна и Херцеговина. Вака би размислувале и ако Босна и Херцеговина не би била татковина и на хрватски народ“, рече Милановиќ.

Дали е ова начин да се изгради „мост за подобар дијалог“ по несогласувањата меѓу соседите? Се чини дека тоа останува отворено прашање.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …