Битиќи од Демир Капија: Преку ТАВ програмата реализираме инфраструктурни проекти за сите граѓани низ целата држава

Битиќи од Демир Капија: Преку ТАВ програмата реализираме инфраструктурни проекти за сите граѓани низ целата држава

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја посети Општина Демир Капија каде заедно со градоначалникот Лазар Петров и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изврши увид на завршните градежни активности во Домот на културата.

Во неговата изјава, вицепремиерот Битиќи рече дека во последните неколку години се вложени повеќе од 550.000 евра во реконструкција и надградба и опремување на целосно нова кино сала, од кои околу 124.000 евра се финансиски средства од ТАВ програмата.

„Во Домот на културата „Мирка Гинова“ тука во Демир Капија во последните неколку години се вложени повеќе од 550.000 евра во реконструкција и надградба, како и опремување на целосно нова кино сала. Дел од овие средства околу 124.000 евра се од ТАВ програмата и ова е еден од проектите кои се целосно завршени. Проектите на ТАВ се реализираат низ сите општини низ земјава. Задоволен сум кога гледам дека со добро планирање веќе во предвидените рокови се реализирани 70% од започнатите проекти, или завршени се 56 проекти во 56 општини а во моментов 25 проекти се во тек и е планирано да бидат завршени до крајот на годината, тоа значи дека нашите сограѓани добиваат квалитет и навременост“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека преку ТАВ програмата се градат водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, инфраструктурни проекти кои се значајни за сограѓаните кои живеат во овие општини.

„За овие проекти аплицираа самите општини и тие имаат целосна сопственост над нив, тоа значи дека се изворно поттикнати од потребите на граѓаните кои живеат низ цела земја. Овие инфраструктурни проекти се токму оние кои ним им се потребни за подобрување на квалитетот на живот на нашите сограѓани. Овие инфраструктурни проекти се за сите граѓани низ целата држава“, изјави Битиќи.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, изрази убеденост дека оваа реконструкција и надградба ќе ја зголеми културната понуда за граѓаните во Демир Капија и дополнително ќе го развие и севкупниот потенцијал во овој дел од државата.

„Сакам да потсетам дека во Домот на културата „Мирка Гинова“ изминатите години успешно се реализираат бројни активности од областа на културата, како проекти од областа на фолклорната дејности и зачувување на нашата богата традиција, од драмската дејност, музичката и друго. Овие содржини успешно ја афирмираат македонската култура и надвор од земјава и ансамблите се добро познати и надградувани во регионот“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Градоначалникот Лазар Петров, изрази благодарност до Владата за поддршката што и ја даде на Општината, без која поддршка реновирањето немаше да биде возможно.

„Домот на културата е повеќе од обична зграда, тоа е симбол на нашето наследство, традиција и вредности. Тоа е место кадешто се собираме да ја славиме нашата историја, да обележиме важни пресвртници и да создадеме нови спомени“, изјави Петров.

Прочитајте повеќе

кацарска

Уставен суд: Кацарска има право да остане на функцијата

Како реакција на тоа што Судскиот совет испратил известување до претседателот на Собранието, дека уставната …