Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров телефонски разговараше со Дерек Шоле, Советникот на Стејт департмент и посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со надлежност во однос на важни прашања од надворешната политика.

Како што соопштија од кабинетот на Димитров, се разговарало за статусот на европското досие на Северна Македонија и актуелните можности за пробив на европскиот пат за време на португалското претседавање со Советот на ЕУ.

Вицепремиерот Димитров ја нагласил важноста на ова прашање во контекст на иднината на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот што има силни геополитички импликации во однос на стабилноста и сигурноста на регионот и континентот.

„Пристапувањето на Западниот Балкан кон Европската Унија претставува инвестиција во стабилноста бидејќи европската визија за регионот подразбира демократија, владеење на правото, заемна соработка врз основа на почитување и заеднички вредности и интереси, наспроти истакнување на важноста на границите, поделбите и разликите како антипод на оваа идеја. Северна Македонија ја потврди таквата визија и покажа лидерство за обезбедување регионална безбедност, мир и соработка, а во насока на реализирање на заедничката стратешка цел – пристапување во евро-атлантската заедница што покрај членство во НАТО треба да биде заокружена и со полноправно членство во ЕУ,“ изјавил Димитров.

Вицепремиерот упатил благодарност за фокусот што претседателот Бајден го става на мирот и стабилноста во регионот, вметнувајќи го Договорот од Преспа во неговата агенда, со што се потврдува неговото меѓународно значење.

„Од американска страна бешe потврдена поддршката за неодложно отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ бидејќи неисполнувањето на ветувањето засновано на постигнатите резултати придонесува кон дестабилизација на состојбата во регионот. Во таа насока, советникот Шоле ја нагласи американската поддршка на португалското претседателство и напорите за отпочнување на пристапниот процес“, се вели во соопштението од кабинетот на Димитров.

Тој исто така се заблагодарил на врвната организација на неодамнешната НАТО вежба „Одлучен удар 21“, на армискиот полигон Криволак во комплексни услови, со оглед на пандемијата и изрази задоволство за сојузништвото меѓу двете земји.​

Извор: МЕТА