ДОСТА БЕШЕ МОЛК - ВО НЕДЕЛА ГО РУШИМЕ РЕЖИМОТ!

ДОСТА БЕШЕ МОЛК – ВО НЕДЕЛА ГО РУШИМЕ РЕЖИМОТ!

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

 

Кога времето ќе дојде, не се сеќаваме на нападите на нашите непријатели, туку на молчењето на нашите пријатели

Мартин Лутер Кинг 

Оваа мисла на М.Л.Кинг сум ја цитирал и претходно. Меѓутоа чинам дека неопходноста од потсетувањето на неа никогаш не била поголема од сега.

За сите избори во изминатите 25 години сме велеле дека биле најважните дотогаш одржани. И веројатно сме биле во право. Оти секој следен изборен циклус имал поголема важност од претходниот: носел големи очекувања, уште поголеми обврски. Како од државата и од нејзините институции, ништо помалку од граѓаните.

Секое ново време имало свои херои. Случајни или намерни, помали или поголеми…ама херои. Изборите кои треба да се случат во недела како заштитен знак ќе го имаат апсолутниот херој. Неслучајно намерен. Не ми е намерата оваа последна колумна пред „денот Д“ да му ја посветам нему, ниту пак постои потреба да му пишувам тиради или пофални песни. Оти изминатите две години ја потврдија издржаноста на уште една мудрост на погоре споменатиот М.Л.Кинг: дека само во темно можете да ги видите ѕвездите!

Немаше да знаеме колку е темно ако Заев не ги активираше „бомбите“. Факт е дека и без нив знаевме оти состојбите во државата не се нормални, дека Грујо и камарилата се сѐ само не демократи, дека сѐ што прават е заради пусти пари, дека патриотизмот им е параван за големата „патриотска пљачка“, дека иднината на државата им е „последна дупка на кавалот“…

Ама дури и таквата сурова реалност не била ни приближно до она што се случувало со нас и околу нас. Масовно прислушување кога и кого ќе посакале, кражба на избори, рекетирање фирми, огромни провизии од милионски тендери, пазарење за името, прикривање на убиства, убиства… Виртуелен живот во имитација од држава управувана од мафија. Ете во такво нездраво опкружување сме живееле цела една деценија. Во заробена држава сме правеле планови за подобар живот…Наивно до зла бога…

Сублимирано во два пасуса, тоа е отприлика она што ни се случувало за време на владеењето на Фамилијата. И сега пак ќе има мудреци кои ќе речат „сите се исти“? Не се исти, никогаш и не биле! Вакво зло Македонија не памти, ниту пак некогаш ќе се повтори. Сите оние кои и покрај сѐ што слушнаа на 11-ти декември ќе останат дома и ќе ја пропуштат шансата да го казнат џелатот, не се ништо друго туку соучесници во злосторството. Нивниот молк, всушност, ќе биде најгласната поддршка која можат да му ја искажат на мафијашкото друштво кое ги киднапирало нашите животи. И затоа на сите ним треба да им биде јасно дека секое неискористено гласачко ливче, е глас за продолжување на агонијата, глас за забрзана евакуација на младите од нивната татковина. Ако е тоа она што ќе ве направи среќни, тогаш во недела слободно останете дома или, уште подобро, заминете на шопинг во Солун. А и Халкидики ви стои како опција…

Во контекст на погоре реченото… Никола Груевски, најголемото зло кое ѝ се случило на македонската држава во нејзината понова историја, упати закани за ликвидација на лидерот на опозицијата Зоран Заев. Тоа во државите со минимум демократија не може да се случи. Меѓутоа од причина што како држава сме далеку од друштвото на демократските земји, дури и ваквиот, најблаго кажано, скандал, помина без посериозна реакција на државните институции, борците за права, слободи..трт-мрт…

Познавајќи го демократскиот капацитет и намерите на владејачката клика, ништо од претходно изнесеното не ме изненади. Дури ни повикот на линч. Она што со недрага волја мора да го признам, но и покрај сѐ немам намера да го премолчам, е моето огромно разочарување од поранешниот претседател на државата и некогашна икона на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Несфатливо и недозволиво е после сѐ што се случи во Македонија во изминатите две години, Црвенковски да покаже таква индиферентност кон настаните кои се закануваа(т) да ја дестабилизираат(т) државата, што се граничи со крајна неодговорност. Поранешниот претседател има и должност и морална обврска да го каже својот став, да искаже мислење, да упати апел до институциите, до СЈО, ОЈО, судовите, Владата, опозицијата, граѓаните. Да апелира. На нешто. На пример, на разум.

Не сакам да верувам во муабетите кои ги слушам. Од повеќе причини. Меѓу другото и заради тоа што сме народ кој сака да шпекулира и да плете теории на заговор. Исто како што не сакам да верувам дека Бранко верува оти опозициските „бомби“ беа сечени, лепени, креирани и монтирани. Но и така да беше, нека кажеше. Оти дури и грешниот став е подобра опција од молкот кој може да се протолкува и како немање став.

Се надевам дека можеби утре, последниот ден пред почетокот на изборниот молк, Црвенковски ќе се појави во јавност и со својот авторитет ќе ги мотивира неодлучните  и ќе ги охрабри нерешителните да излезат на гласачките места, што ќе биде негов придонес во рушењето на режимот на Груевски. Тоа им го должи на граѓаните, пред сѐ на неговите сопартијци.

Во недела, на 11-ти декември, се гледаме на гласачките места.

Режимот на Груевски мора да падне!

Автор:

Чеге Вара                                Прилеп, ебаго!…….(136)                 

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …