Фокс Њуз ќе плати 787,5 милиони долари поради ширење изборни лаги

Фокс Њуз ќе плати 787,5 милиони долари поради ширење изборни лаги

„Лагите имаат последици“, рече адвокатот на компанијата за гласачки машини, Џастин Нелсон.

Американскиот конзервативен телевизиски канал Фокус Њуз се согласи да плати 787,5 милиони американски долари како разврска на тужбата за клевета поднесена од страна на компанијата за гласачки машини „Доминион“. Оваа компанија тврди дека нејзиниот бизнис бил оштетен од Фокс Њуз поради ширењето лажни тврдења дека гласањето на претседателските избори во САД во 2020 година било наместено против Доналд Трамп.

Прифаќањето на Фокс Њуз да ја плати сумата е најголемата јавно позната спогодба за клевета во историјата на САД во која е вклучена медиумска компанија, јави Си-ен-ен.

Пред судењето, судијата во случајот пресуди дека тврдењата против „Доминион“ се веќе докажано лажни, нагласувајќи дека невистините се „кристално јасни“.

„Лагите имаат последици. Пред повеќе од две години, порој од лаги ги зафати ‘Доминион’ и изборните службеници ширум Америка во алтернативен универзум на теории на заговор, предизвикувајќи тешка штета на ‘Доминион’ и на земјата“, рече адвокатот на компанијата за гласачки машини, Џастин Нелсон.

Тој додаде дека за да се осигури постоењето на демократијата, потребна е посветеност на фактите.

Десничарската телевизиска мрежа Фокс во својата изјава рече оти „ги признава одлуките на судот според кои одредени тврдења за ‘Доминион’ се лажни“.

Судијата претходно пресуди дека 20 емитувања на Фокс Њуз од крајот на 2020 година содржеле отворено невистинити тврдења дека компанијата „Доминион“ ги наместила претседателските избори.

Сумата од 787 милиони долари е речиси половина од 1,6 милијарди долари што „Доминион“ првично ги бараше, но е околу осум пати повеќе од нејзиниот годишен приход во 2021 година.

Би-би-си пренесува дека во тужбата на „Доминион“ се наведува оти лажните тврдења на конзервативната телевизиска мрежа биле обид да се придобијат гледачите кои биле налутени од одлуката на Фокс Њуз да прогласи победа на тогашниот противник на Трамп, Џо Бајден, во клучната држава Аризона.

Двајца од директорите на Фокс Њуз одговорни за ваквата одлука околу Аризона ги загубиле своите работни места два месеца подоцна.

Инаку, Фокс Њуз се соочува со уште една слична тужба за клевета од друга компанија за изборна технологија – „Смартматик“, која бара 2,7 милијарди долари.

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …