Хелсиншки комитет ќе ја бара правдата во Стразбур откако обвинителството го повлече обвинението за Тамара

По преквалификацијата, која ја направи основниот јавен обвинител на завршните зборови во случајот за смртта на девојчето Тамара Димовска од Велес, во кривично дело за кое настапи апсолутна застареност за кривично гонење и ги сруши шансите за понесување одговорност за смртта на девојчето, кое почина чекајќи одлука од надлежните институции за лекување во странство, Хелсиншкиот комитет најави дека и понатаму ќе се бори за правда во овој случај и ќе поднесе апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Хелсиншкиот комитет за човекови права потсети дека во изминативе години во повеќе наврати реагираше на постапувањето на Обвинителството, но и за честото одложување на рочиштата.

„Од кривичната пријава која ја поднесе Хелсиншкиот комитет поминати се седум години, а судската постапка започна во 2018 година. Со оглед дека обвинителството одлучи да го преквалификува делото дури во завршната фаза од судењето, а не претходно, легитимен е сомнежот дека постоела намера делото едноставно да застари и никој од обвинетите кривично да не одговара за смртта на малата Тамара. Комитетот оценува дека ваквата одлука на обвинителството е крајно поразителна и значи дополнително зголемување на недовербата во правосудниот систем, кој не испорачува правда за жртвите“, соопштија од Хелсиншки.

Основниот јавен обвинител Анел Фидовски на денешната јавна расправа, при давање завршни зборови направи правна преквалификација, односно промена на обвинителениот предлог, а за тројца обвинети се откажа од кривично гонење.

Тој се откажа од кривично гонење за директорите на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и претседателката на управниот одбор на Фондот, затоа што смета дека тие немаат кривична одговорност како службени и одговорни лица во правното лице. За останатите обвинети, членови на првостепена и второстепена комисија, обвинителството направи правна преквалификација и наместо член 353 в од Кривичниот закон ,,Несовесно работење во службата’’, кривичното дело го преквалификува во член 86-б од Законот за здравствено осигурување.

Во овој член предвидено е дека лекар и член на првостепената, односно второстепената комисија на Фондот, кои ќе оневозможат осигуреник да оствари право од здравствено осигурување по основ на болест или неспособност за работа, што според закон или друг пропис му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години. Со ваквата преквалификација произлегува дека е настапена апсолутна застареност на кривичното гонење во октомври 2020 година, со изминување на шест години од денот кога е сторено кривичното дело. Согласно ова, обвинителството побара судот да донесе одбивателна пресуда, согласно член 402 од Кривичниот законик.

Тамара Димовска, 10-годишното девојче од Велес почина во 2015 година и покрај ветувањата за соодветен третман од страна на тогашниот министер Никола Тодоров и раководство на Фондот за здравство и таа стана симбол за здравствените политики на тогашната власт. Нејзината смрт, додека чекаше операција во Турција, беше повод за големи протести пред Министерството за здравство.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

МНР – Макрон уверува дека ненамерно згрешил со „Северномакедонци“

Направена е ненамерна грешка при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, вакво уверување …