Холштајн: Во интерес на Бугарија е да не го блокира проширувањето на ЕУ во овој регион

Холштајн: Во интерес на Бугарија е да не го блокира проширувањето на ЕУ во овој регион

Билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на ЕУ, смета германската амбасадорка во земјава, Анке Германија е земја претседавач со Унијата. Таа зборува и за неопходните реформи, новата методологија, борбата со ковид-19, економската соработка.

Дали се реални очекувањата Северна Македонија да ги почне преговорите за членство со Европската Унија за време на вашето (германското) претседавање со ЕУ?

Во делот на политиката за проширување, навистина одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно официјалниот старт на разговорите за проширување со Северна Македонија е нашата голема цел која е заедничка цел и на Германија и на Северна Македонија. Треба во рамките на Европската унија да се договориме во однос на преговарачката рамка за која моментално се дискутира во Брисел, кога ќе се постигне договор за тоа, може да дадеме и датум за првата меѓувладина конференција и се надеваме дека тоа ќе се случи во декември.

Како ги коментирате информациите од Брисел за опструкции од страна на Бугарија во однос на одредени прашања, пред сè прашањето за македонскиот јазик и малцинство кои бараат да се вметнат во поглавјето 35. Бугарија достави и меморандум на шест страници со нивните барања до земјите членки на Унијата. Може ли тоа да значи ново вето за евроатланските интеграции на Македонија?

Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји членки на почетокот на август. Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално.

Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската унија во овој регион.

Дали преговарачката рамка значи нови и потешки услови во процесот на преговори на Македонија со Унијата?

Навистина, од март постои нова методологија. Мислам дека таа е покомпактна и поцелисходна, дозволува на пример или бара појако политичко водство преку меѓувладина конференција. Поглавјата се отвораат на блокови, досегашните основни критериуми се зајакнуваат, многу клучни изрази во оваа методологија се предвидливи, веродостоен, предвидлив, динамичен, силно политичко управување, тоа сè се идеи и замисли кои се од корист и земјите членки можат да учествуваат на мониторингот и на известувањето за пристапниот процес, економското владеење се зајакнува и, сосема ново, има можности за мерки за казнена политика ако не се спроведуваат реформите, но има и позитивни стимули со забрзана интеграција во еу политиките и програми како и појака финансиска поддршка. Тоа мислам дека не се потешки, туку појасни услови и останува најважната основа при процесот на пристапување – секоја земја со темпото на реформи го одредува процесот на пристапување.

Клучно секако дека е правна држава, борба против корупцијата, вклучувајќи ги реформите во правосудството исто така е многу важно брзо да се однесе законот за забрана од дискриминација и изборниот закон да се прилагоди соодветно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Основно за многу области во општествениот живот е пописот кој е планиран за април и Северна Македонија треба да почне да се позиционира за економските предизвици во внатрешната економија, но тоа сè се рефлектира во Владината програма.

Што ако не се испорачаат резултати во овие области? Какви последици ќе има Македонија во тој случај?

Темпото, односно брзината на процесот на проширување секоја земја самата го определува со напредувањето во реформскиот процес. Ново е што со новата методологија има можности за санкции во случај на стагнација. Бидејќи е ова сосема ново, немам уште претстава како би изгледало тоа конкретно.

Неодамна имавте средба со премиерот Заев. Што го советувавте и какви уверувања добивте од негова страна?

Еден совет кој му го кажав и на премиерот и на опозицијата, а премиерот тоа го знае и самиот многу точно е дека конструктивна соработка со опозицијата е во интерес на иднината на државата. А тоа особено важи за европската политика. Мислам дека во процесот на доближување кон Европската унија, партиско-политичките разлики треба да се остават настрана во интерес на државата

Како ги коментирате протестите на опозицијата, непосредно по изборите и дали внатрешно политичките тензии во овој период може да му наштетат на евроинтеграцискиот процес на земјава?

Правото на слободно изразување на мислење, на собир и демонстрации секако дека е основно човеково право на секој граѓанин и граѓанка. Јас мислам дека да се игра на националистичка карта не носи ништо добро и не е од никаква помош.

Има ли шанса проширувањето на Унијата во услови на светска здравствена криза?

Проширувањето е долг процес, тоа е средство за модернизација и реформи во земјите кои сакаат да пристапат. Тој процес не може да се одвива брзо и затоа се надевам дека пандемијата веќе сме ја надминале, кога ќе дојде моментот да се пристапи кон Унијата.

Освен борбата со пандемијата, кои се другите приоритети на германското претседателство со Унијата?

Пандемијата навистина е главна тема. Ние како мото избравме, заедно Европа повторно да ја направиме силна и затоа во Европскиот совет во јуни го формиравме фондот за обнова, а дел од тоа е поддршка за нашите пријатели и партнери, но и за земјите од Западен Балкан. Други теми кои ни се важни се брзо завршување на преговорите со Велика Британија за натамошните односи, но овие преговори се одвиваат тешко и некои теми кои сакаме да ги унапредиме се дигитална и еколошка трансформација, сакаме европска солидарност и социјална поддршка и напредок во политиката за азил и миграција, сакаме да ја зајакнеме солидарноста и социјалната кохезија, потребен е напредок политиката за азил и миграција, сакаме да го зајакнеме владеењето на право, како основен столб на ЕУ и сакаме да го стабилизираме соседството. Притоа најважна тема е проширувањето, сакаме да го унапредиме партнерството со Африка и една од нашите цели е да го зајакнеме единството на ЕУ во односот со Кина. Затоа пред неколку дена, минатиот понеделник, се одржа средба меѓу лидерите на ЕУ и Кина која требаше да биде голема конференција, но поради пандемијата се одржа онлајн, но резултатите се ветувачки, се договориле неколку конкретни чекори и многу проблеми во односите меѓу ЕУ и Кина се јасно дискутирани. Во врска со проширувањето, веќе кажав најважна цел е одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, во однос на непосредното соседство важна тема е миграцијата. Сакаме да се осврнеме на демографската ситуација, за одливот на мозоци, на крајот на октомври за тоа ќе има конференција во Берлин на која сакаме заедно да дискутираме дали може да се дојде до една вин-вин ситуација за сите.

Каква е вашата оценка за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Германија?

Нашите билатерални односи се извонредни. Затоа не е само чест, туку и радост што можам да ја застапувам мојата земја како амбасадор тука. Германија е најголем трговски партнер со трговски биланс од отприлика четири милијарди евра, има многу германски инвеститори и понатаму постои интерес. Имаме интензивна соработка во сите области, култура, образование, дуално образование, спорт, полиција, војска и здравство. Има многу институции, врз кои можеме да се потпреме при нашата соработка, билатерална стопанска комора, Гете Институтот, политички фондации, ГИЗ и КфВ и на крај ние како амбасада сме една од поголемите амбасади на Германија во светот. Имаше порано интензивни дипломатски посети, тоа е многу важно за билатералните односи, и сигурна сум дека штом има вакцина за коронавирусот, ќе дојдат повторно и гостите.

Во делот на економската соработка. Дали има уште заинтересирани германски компании кои би сакале да го вложат својот капитал во земјава?

Овде моментално има отприлика 200 германски компании кои создадоа 20 000 работни места. Најголем германски работодавач во земјава е Дрекслермајер во Кавадарци која ја посетив пред неколку дена. Фабриката со нивната работа во Северна Македонија е многу задоволна, и од општината и државата ја добива сета потребна поддршка. Такви успешни примери сè се разбира најдобра реклама за една земја и добри глас на далеку се слуша кога системот добро функционира за една фирма.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Оставки во СДСМ по изборниот пораз, калкулации во ВМРО-ДПМНЕ за коалиции во идната влада

Оставки во СДСМ по изборниот пораз, калкулации во ВМРО-ДПМНЕ за коалиции во идната влада

Kоалицијата предводена од СДСМ освои 18 мандати во Собранието, што е најниска бројка од досегашните …