Илјадници демонстранти на протестот против насилство во Белград

Илјадници демонстранти на протестот против насилство во Белград

Илјадници луѓе се приклучија на вториот протест во Белград под мотото „Србија против насилството“ на кој повика дел од парламентарната опозиција по двете масовни убиства што ја потресоа Србија минатата недела при што загинаа 17 луѓе. Учесниците го блокираа најфреквентниот мост во Белград на автопатот, Газела.

Толпата извикуваше „Оставка“ и „Вучиќ оди си“.

Според досегашните најави, блокадата ќе трае два часа. Дозволуваат да поминат само возила на брза помош.

Протестот започна околу 18 часот пред зградата на српскиот парламент, која беше собирно место на демонстрантите. На протестот, нема партиски обележја, а може да се забележат транспаренти против насилството. Исто така, има и транспаренти против медиумите кои важат за провладини, а за кои се бараше затворање поради реалните шоуа што ги емитуваат.

Учесниците носат транспаренти „Не сакам моето дете да се роди во состојба на насилство“, „Информер е лага“, „Пинк е убиец“ и „РЕМ е зло“.

Демонстрантите бараат одземање на лиценците на Пинк и Хепи

Меѓу барањата, покрај итна седница на парламентот на која ќе се расправа за безбедноста, е и оставка на министерката за полиција Братислава Гашиќ и на директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.

Демонстрантите бараат промени и во Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), како и затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го кршат кодот и одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи.

На листата барања наведено и е неемитување на реалните шоуа и други програми кои промовираат насилство.

Опозицијата не се откажа од новиот протест ниту откако претседателот на српското Собрание Владимир Орлиќ за 18 мај закажа седница за безбедносната состојба, што беше едно од барањата на протестот.

Претставниците на партиите кои повикаа на протест одговорија дека барањата на демонстрантите не се исполнети.

Протестите беа организирани по двете масовни убиства што ја потресоа Србија минатата недела.

13-годишниот напаѓач уби осум ученици и еден чувар, а рани шест ученици и еден професор.

Еден ден подоцна, во селата Мало Орашје и Дубона, 21-годишен напаѓач уби осум, а рани 14 лица.

Вучиќ повика на контрапротести

Власта ја обвини опозицијата дека ја „политизира трагедијата“.

„Чувствата на луѓето беа злоупотребени на најбрутален начин. Очекував да понудат некои мерки, но се се сведе на сува политика“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на 8 мај на телевизија Хепи.

Вучиќ ги покани граѓаните да дојдат во Белград на 26 мај на средба „за одбрана на слободата и демократските вредности на Србија“.

Тој изјави дека митингот ќе се одржи пред Народното собрание. Досега оставка поднесе само министерот за образование Бранко Ружиќ на 7 мај поради трагедијата во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“. Владата најави зголемено присуство на полицијата во училиштата, заострување на казнената политика и „целосно разоружување на Србија“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …