Голема група интелектуалци кои се нарекуваат македонски учители излегоа во јавност со Манифест: Велиме НЕ на понижувачките услови во непристоен предлог. Во Манифестот, покрај сите други причини наведени во содржината, има еден дел околу јазикот, кој засега е спин, затоа што нема фактичка потврда дека такво нешто ќе се случи во текот на евентуалното пристапување на РСМ кон ЕУ – т.е. дека македонскиот јазик ќе биде со додавки или фусноти, пишува „Вистиномер“.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Манифест или писмениот проглас на околу 800 македонски интелектуалци беше објавен во јавноста, а во еден дел околу македонскиот јазик може да се детектира спин:
Спин: …Македонскиот јазик, според овој предлог, ќе биде историски непостоечки за ЕУ. Предлогот наведува дека „ЕУ ќе ги земе предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик“, а содржината на декларациите за македонскиот јазик не се соопштува. Како што ни е познато, бугарската официјална политика отсекогаш тврдела дека „македонскиот јазик“ не постоел пред 1944 година, но сега тоа ќе го верификува и ЕУ, бидејќи во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“, додека Република Македонија ќе мора да изјави „дека македонскиот јазик, како што се наведува во нејзиниот Устав, е официјален јазик на државата кој е кодифициран во 1945 година.“…
[Извор: Нова Македонија/Манифест – датум:, 12.05.2022]
Контраспин: Манифестот за кој се зборува во овој текст е јасен став на голем број интелектуалци кои сакаат да ја известат јавноста дека не прифаќаат земјата да потпише и прифати документ што го сметаат за непристоен (серијата документи за отпочнување преговори на РСМ со ЕУ), а како една од причините е тоа што македонскиот јазик во сите идни документи ќе биде со додавка „во согласност со Уставот на Република Македонија“ (тука недостасува Северна и оваа формулација е од Договорот меѓу Скопје и Софија од 2017 година). Ова тврдење, барем засега, е извртување на вистината, т.е. спин, затоа што нема факти кои можат да потврдат дека е вистина или невистина.
Т.н „Француски предлог“, три документи кои можат да се видат на владиниот сајт и кој толку многу го подели повторно македонското ткиво по повеќе основи, во јавноста генерира главно тези дека ќе се случи бугаризација на Македонија, дека ќе се загрози идентитетот и дека е загрозен јазикот, односно не е така цврсто и чисто запишан во документите. Дека документот е проблематичен не е спорно за најголем дел од јавноста, но тука сакаме да ги изнесеме аргументите што зборуваат околу тезата за јазикот.
Фактите што се познати во делот на јазикот се следни:
- Во главниот документ каде што се споменува македонскиот јазик, тој е ставен во два члена – првиот е во Воведната изјава на ЕУ за отворање пристапни преговори каде што во член 3 пишува: Правото на ЕУ (acquis) ги вклучува, меѓу другото, целите и начелата врз кои е основана Унијата, како што е наведено во Договорот за Европската Унија… Во однос на преводите на acquis – правото на ЕУ на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик (И до тука во Манифестот се е точно).
Во член 22 од самата Преговарачка рамка пишува:
Северна Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски пред пристапувањето и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување.
Од овие факти презентирани досега, не може да се поткрепи тврдењето во Манифестот дека во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“. Кои други факти околу јазикот се познати досега?
2. И власта и непартиските кредибилни критичари не спорат дека прашањето за јазикот е чисто во Преговарачката рамка. Тоа најдобро може да се види од последните изјави на власта (интервју со Бујар Османи) и од скорешните изјави на критичарите што не можат да се стават во партиски контекст, а се ценети експерти во своите области – интервју со Никола Димитров, интервју со Малинка Ристевска и интервју со Драган Тилев.
Единствената разлика е што власта тврди дека со оваа Преговарачка рамка јазикот е „бетониран“ како што велат, додека споменатите критичари на документите велат дека, да парафразираме, е потребна голема внимателност и дека на крајот од процесот на преговори јазикот повторно може да стане пречка за земјата.
3. Зборувајќи за понудениот „француски предлог“, тројца европски политичари од кои двајца се лидери на најмоќните земји на ЕУ, даваат усни гаранции за македонскиот јазик. Станува збор за Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, како и во јавните изјави на францускиот претседател, Емануел Макрон и германскиот канцелар, Олаф Шолц. Сите тројца јасно кажуваат дека македонскиот јазик не е проблематичен според документите и не е доведен во прашање. Точно е тоа дека усна гаранција не обврзува, иако има своја политичка тежина, но, исто така, е точно дека во самата Преговарачка рамка кога се споменува македонскиот јазик (член 22), нема ниту додавки ниту фусноти.
4. Македонскиот јазик е оспоруван од Бугарија. Тоа е повторуван факт повеќепати во изминатите децении, но и сега во последните недели е споменуван и во бугарското Собрание и во изјавите на Румен Радев, но и во последните изјави на премиерот во заминување Кирил Петков. На Бугарија ѝ се остава правото со унилатерална изјава тоа да го каже и во Заедничкиот став во член 3. Но, тоа повторно не укажува и не потврдува дека „во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“
5. Факт којшто никогаш не смее да се заборава кога се расправа за „судбината на јазикот“ е дека во личната карта во Обединетите нации – најважното светско семејство на државите, за Северна Македонија јасно пишува дека официјалниот јазик на таа држава се вика „македонски јазик“. Тоа може да се види од официјалното означување во рамки на упатствата на Обединетие нации – UNTERM, а тоа се зацементирано и со Преспанскиот договор, кој е постигнат под долго децениско водство и на ООН.
Впрочем, никако и поинаку не може да биде, со оглед на фактот што македонскиот јазик бил во комуникација уште веднаш по Втората светска војна, кога тогашна Федеративна Народна Република Југославија пристапила кон ООН, со документ кој е потпишан на трите тогашни официјални јазици во поранешната држава: српско-хрватски, словенечки и македонски. Никако поинаку не може да биде и затоа што истиот македонски јазик е со меѓународна ознака уште од 1977 година од годишна средба во Атина на поткомитетот на ООН (види стр.3), УНГЕГН, но и знаејќи дека јазикот и според темелните документи и на ООН и на ЕУ, е прашање за кое самостојно одлучува секоја земја и е темелно основно човеково право. Па, оттука и Димитров е сосема во право кога вели не може Бугарија да го проблематизира јазикот, на Бугарија може само да ѝ биде соопштено на кој јазик зборуваме.
* * *
Имајќи ги предвид овие познати факти, може да се каже дека во моментов или засега, тврдењето во Манифестот дека во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“ е спин. Нема фактичка потврда за таквото тврдење, а унилатералната изјава во Заедничкиот став на ЕУ во врска со отпочнување на преговорите не е потврда, бидејќи во самата Преговарачка рамка јазикот е чист и е факт дека со самиот превод на аки-то и со други документи, македонскиот јазик веќе влегува како јазик за службена комуникација со ЕУ. Инаку, самиот јазик како службен во ЕУ, како што кажуваат и Ристевска и Тилев, секогаш се означува за служебен јазик во Унијата дури на крајот од преговарачкиот процес, со промена на т.н. Уредба бр.1 која постои уште од формирањето на некогашната Европска економска заедница и таа за последен пат е променета во 2014 г. со влегувањето на Хрватска во ЕУ. Но и тој факт не значи дека кога евентуално ќе треба да се менува поради завршување и влегување на РСМ во ЕУ, „во сите идни документи на ЕУ каде се споменува македонскиот јазик ќе биде додадено „во согласност со Уставот на Република Македонија“, бидејќи тоа, едноставно, не е познато.